среда, 10 декември 2025

Заедничко чествување на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев за нови години неразбирање

Објавено на

часот

Сподели

И македонски и бугарски апостол на револуционерната борба, идеолог, стратег, великан… Како ваквите позиции можат да станат заеднички? Историчарите и од едната и од другата страна веќе реакоа дека се работи за невозможна мисија обвинувајќи ја другата страна за некооперативност и немање желба за компромис. И навистна како од вакви позиции и може да се дојде до компромис? Конечно, кога зборуваме за Гоце Делчев потребен ни ли е воопшто некаков компромис?

За македонските историчари одлуката за заедничко чествување на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев е фатален удар врз македонската самобитност.

„Дали со политичкиот чин на заедничко чествување на великанот на македонската борба за независност и самостојност, македонската страна ја признава бугарската теза дека Македонците се вештачка коминтерновска творба и широко ја отвора вратата за идно прифаќање на останатите бугарски тези со кои се оспоруваат македонската историја, македонскиот идентитет и македонскиот јазик и самото постоење на македонскиот народ”, се вели во реакцијата на Здружението на историчари на Република Македонија

За македонската влада нема нишго спорно. „Владата на Северна Македонија го поздравува учеството на делегациите на Бугарија во одбележувањето на 150-годишниот јубилеј од раѓањето на, за нас, најзначајниот историски лик за нашата земја, со што двете држави продолжуваат со напорите за интензивирање и продлабочување на вкупната соработка и зацврстување на довербата“, наведе во соопштение македонската влада.

Во Бугарија пак потсетуваат на „големото бугарско предавство“ на оние што дозволиле посмртните останки на Делчев во 1946 година да бидат пренесени од Бугарија во Македонија.

„Историјата е сложена, противречна, повеќеслојна – кога ја вадиме од научните трудови, таа обично се поедноставува и се претвора во политичко оружје. И токму затоа сме одговорни за што се ќе ја користиме“, пишува професорот по културна антропологија од софискиот универзитет „Климент Охридски“, Ивајло Дичев.

„Бугарите им се лутат на своите македонски комшии дека развиле свој национален идентитет, поинаков од нашиот, го нарекуваат измислен, се подигруваат со нивниот јазик, кој им звучи дијалектно. Заборавајќи, дека и нивниот и кој било друг идентитет црпи ресурси не само од факти, туку и од колективни емоции, воспитувани од националните институции (…) Земете ги чудните битки за историско авторско право. Чиј е Гоце Делчев? Поданик на Отоманската империја, роден и умрен на територијата на денешна Грција, етнички Бугарин, коешто самиот го изјавувал, или борец за независна Македонија од Охрид до Одрин? Па сето тоа. Овој множествен идентитет на нашиот балкански Че Гевара може да биде основа за зближување. Но, поинаку е, ако задачата е народите да се насочуваат еден против друг“, пишува Дичев.

Во Бугарија и официјално се најави дека тековната 2022 година ќе биде посветена на Гоце Делчев, со најавени голем број научни конференции, изложби, нови книги и збирки на истражувања, за што е формиран и комитет од претставници од повеќе научни институции. Во Софија вчера се одржа и првата тркалезна маса во организација на Македонскиот научен институт, а пред два дена беше промовирана и брошура издадена од Фондацијата „Македонија” со текст на историчарот Наум Кајчев, (член за заедничката Комисија за историски и образовни прашања), која ќе биде дистрибуирана во Европскиот парламент.

Во Македонија ВМРО-ДПМНЕ во предложената декларација до Собранието бара државата да организира таки активности.

Вчера левичарскиот институт „Рацин“ организираше трибина „Македонската кауза – 150 години од раѓањето на Гоце Делчев“. На трибината професорката Билјана Ванковска изјави дека да беше ова свет и време какви што ги замислуваше Гоце, 150 годишнината од неговото раѓање ќе се чествуваше во Кукуш, неговиот роден град, и тоа од обичните луѓе, соседи и пријатели, а не од политички претставници на две држави.

„Неговото разбирање на светот, а со тоа и на Балканот, како поле на културен натпревар меѓу народите ќе требаше да се одбележува токму така: со културни и уметнички манифестации, зошто не и спортски, научни. На манифестациите ќе учествувавме сите, без оглед дали сме Македонци, Грци, Бугари и без оглед на која страна на границата живееме. Натпреварот и немаше да биде вистински натпревар (во смисла на ривалство кој е подобар), туку со презентирање на сето она што е најдобро и што го носиме со себе, со кое сме ја афирмирале својата култура и народ.

Онаа лицемерна ЕУ во своето мото ја има идејата за единство во различностите (тоа би било во духот на Гоце кој така размислувал кога големите сили од Европа уште војувале меѓу себе). Таа денес дозволува нејзините (во случајов две, балкански) членки да дејствуваат врз база на моќ, со уцени и шовинизам, административно бришење на македонскиот идентитет како таков, и тоа не само на нивните територии, туку и тука во ова едно парче земја кое конституираше македонска држава. И тоа го смета за европска вредност и „разрешување на конфликти“! Идеите на Гоце се живи, ама запретани некаде, нечујни од тапаните на војната која се покажува некаде на хоризонтот. Гоце се борел за еманципација на Македонецот и за ослободување на Македонија, но не за Македонија која ќе биде газена, додека облекува војнички чизми за да гази на туѓи територии. Слава му! Тој го стори тоа што можеше, па и повеќе од тоа, жртвувајќи го сопствениот живот. Сега е прашањето што правиме ние, кои се сметаме за негови наследници, за наследници на неговото дело“, рече Ванковска.
А.Д.
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ