Прво, анализираат од Здрава котлина, договорот за заштита на швајцарски и македонски инвестиции не кажува дека ќе ги заштити инвестициите направени од Кајмански острови во Македонија. Напротив, кажува дека ќе ги штити инвеститорите кои функционираат согласно македонските и швајцарските закони и надлежности и тоа при точно определени услови.
„Особено не кажува никакви приказни за инвеститори од Кајмански острови кои во тоа време се на сите можни меѓународни црни листи како даночен рај и омилена дестинација на светски криминалци“, велат од Здрава котлина.
Второ, според оваа невладина организација, дефиницијата на инвеститор како што е наведено во договорот, воопшто не соодвествува со наративот на она што Еуромакс пробува со спинување да го наметне.
„Засега доволно е ова, а поконкретно ако дојде време за меѓународни судски процеси“, сметаат од Здрава котлина.
Што се однесува до прес конференцијата на министерот за економија, Крешник Бектеши од Здрава котлина велат дека министерот во говорот многу пати споменал политичка одлука на Влада, што пак од оваа невладина организација го квалификуваат како „точно она што му треба на Дестани за да бара оштета“.
„Ова е директна местенка и саботажа на државата од страна на министер за економија. Повлекувањето на одлуката за спојување на концесиите не е политичка одлука туку дискрециона одлука на Влада која го фатила Бектеши во манипулациите со додавањето на дополнителната точка на седница на Влада. Но фактите и аргументите ќе се видат кога ќе дојде време Бектеши да одговара за ова. Точно е дека пред сѐ, во САД ќе има меѓународни активности поврзани со рудникот Иловица-Штука, но не за арбитража ами за низа криминални дејности на здружени ентитети кои можат да се прочитаат во соопштението на Еуромакс. Заради оваа прес конференција и саботирањето на државата, Бектеши ќе има многу главоболки во годините што доаѓааат.
Во оваа прилика ја покануваме швајцарската амбасадорка пред да продолжи да делува на терен во Југоисточна Македонија, прво да ѝ објасни на македонската јавност зошто еден таканаречен швајцарски инвеститор наместо директно од Швајцарија да врти преку Кајмански Острови за да направи инвестиција во Македонија? Амбасадорката не мора да одговори, но за ова како и за сите останати морални, еколошки, правни, економски и други аспекти кои имаат посебни политики во Швајцарија, ние ќе ја прашаме и Владата во Берн за мислење“, заклучуваат од Здрава котлина.
Оттаму се децидни дека рудник Иловица нема да има.
Еуромакс денеска најави дека ќе покрене судски постапки против министри кои изјавуваа дека се против отворање на рудникот.






