среда, 10 декември 2025

За укинување на Пржинската влада треба да одлучат сите партии кои се договорија за формирање, а не само една, вели Ковачевски

Објавено на

часот

Сподели

Според него, во момент кога државата се соочува со неколку големи предизвици, како што е справувањето со здравствената и енергетската криза, топлинската криза во градот Скопје и отворениот процес на разговори со Република Бугарија, сите прашања кои не се во насока на справување со најголемите предизвици претставуваат дефокусирање од проблемите кои се најважни за граѓаните.

„Самото барање на опозицијата за укинување на пржинската влада потврдува дека во државата имаме демократски амбиент, кој што го немало во времето кога беше воведена таа Пржинска влада.

Со оглед на тоа што Пржинската влада е договорена помеѓу четирите најголеми партии, тоа значи дека и начинот на нејзиното укинување треба да се направи на истиот начин, а не со еднострано барање на една политичка партија, притоа имајќи предвид дека имаше изјава од коалицискиот партнер на ВМРО – ДПМНЕ, односно од Алијанса, дека тие имаат друг поглед на ова прашање. Од таа причина треба да седнат работни групи и да договорат решение кое ќе биде дел од Законот за Влада и ќе важи за парламентарните избори во 2024 година“, изјави Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање за време на посетата на ТИРЗ Штип.

Тој додаде дека со оглед на предизвиците, не е време за предвремени избори, како што постојано бара опозицијата.

Во врска со прашањето за една изборна единица, Ковачевски вели дека СДСМ како партија е за вакво решение, но, како што нагласи, измените на Изборниот законик со кој се регулира ова прашање, секогаш се носеле со консензус на партиите.

„Ние сме политичка партија која што прва го поддржа концептот на една изборна единица и преку тоа го поддржавме и барањето на помалите политички партии кои се дел од коалицијата заедно со СДСМ. Но, веќе видовте дека дел од политичките партии излегоа со свое гледање за тоа како треба да изгледа изборниот модел. Јас имам свој личен став во однос на правење на изборни модели, а тоа е дека тие мора да бидат правени низ широка расправа преку работни групи кои ќе вклучуваат претставници на политичките партии, на ресорните министерства задолжени за изготвување на изборниот закон, како и експерти, вклучително и експерти од ОБСЕ/ОДИХР“, рече премиерот.

Така, додаде тој, ќе се дојде до Изборен законик кој на најдобар начин ќе ги отсликува прво заложбите на политичките партии во државата, потоа барањата на граѓаните, но и ќе може да гарантира фер изборен натпревар и резултати. Според него, со оглед на тоа што избори ќе има во 2024, има доволно време да се формираат работни групи кои ќе работат на ова решение.

Во однос на разговорите со Бугарија, а во пресрет на состанокот на работните групи во МНР кон крајот на оваа недела, Ковечевски вели дека Владата отвори еден нов просец на разговори кој се темели на прашања поврзани со реални теми кои ги засегаат сите граѓани и сите општествени процеси во двете држави.

„После двете средби со премиерот на Бугарија и формирањето на работните групи, и тоагаш кажавме дека министерствата за надворешни работи ќе продолжат да работат на изнаоѓање на решенија за политичките прашања кои што се отворени помеѓу двете држави. Јас очекувам тие да работат на професионален начин, врз основа на стандардите на меѓународните односи и разговорите да бидат водени во духот на европските вредности и со почитување на достоинството на граѓаните и на Република Северна Македонија и на Република Бугарија“, рече Ковачевски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ