Од 1 март лани БНТ4, како канал на бугарската државна телевизија според договорот што беше постигнат се емтиува преку македонските телевизиски оператори. Но, во Бугарија гледачите не можат да ја следат програмата на Македонска телевизија, а од бугарската Влада не одговараат зошто е тоа така.
Инаку, премиерот Димитар Ковачевски во однос на тоа како коментира одредени изјави на членови на Заедничката историската комисија со Бугарија, како и во однос на новиот пристап преку дијалог на новоформираните работни групи меѓу двете земји, рече дека треба да се остави на историчарите според својата методологија да ги даваат изјавите, политичарите да зборуваат за политичките прашања, историчарите за историските прашања.

„Тие денеска имаат состанок во Софија и кога комисиите ќе имаат што да изјават тогаш тоа останува на нив заеднички да го направат“, рече Ковачевски.
Тој истакна дека претставници на историската комисија исто така присуствувале на средбата на заедничката владина седница, што се одржа во Софија на крајот на јануари.
Премиерот оцени дека со Бугарија е отворен нов пристап во дијалогот при што се формирани работни групи.
„Работните групи веќе ја почнаа својата работа. Првата работна група е во делот на економијата, иновациите и трговијата и го одржа својот состанок. Втората е во областа на инфраструктурата, транспортот, а гледате дека денеска се случи и првиот авионски лет, образование, култура, евроинтеграции”, рече Ковачевски.
Во Софија денеска се одржува редовниот состанок на експертско ниво, меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји за т.н. пакет на политички прашања.
Состаноците на работните групи меѓу двете земји треба да продолжат со најавеното темпо – четири пати до пет пати во месецот ќе се среќаваат делегации на двете земји за да разговараат за прашања од инфраструктурата, образованието, културата, евроинтеграциите, историјата. Овој месец преговорите продолжуваат преку комисиите, при што на 14-ти ќе се состане Работната група за евроинтеграции, потоа на 21-ви Работната група за образование и на 28 февруари состанок ќе има Заедничката комисија за историски прашања.






