
Како што се наведува во соопштението, од Буџетот на МВР за оваа намена издвоени се 188.167.373 денари обезбедени со домаќинско и планско работење. Досега, вклучувајќи ја и бонус платата за 2021 година, исплатени се пет бонус плати со вкупна вредност од 561.773.133 денари односно 9.060.857 евра.
„Откако првпат во 2019 година беше исплатена бонус плата во МВР, во претходниот мандат на министерот Оливер Спасовски, Министерството продолжи со обезбедување средства за исплата на бонус плата и за 2020 година, но и за 2017 и 2018 година и истите се исплатени на вработените во МВР, коишто овие средства веќе нема да ги бараат преку суд, со што Министерството нема да се изложува на непотребни судски трошоци по тужбите на вработените“, велат од МВР.
Оттаму додаваат дека ова раководство на МВР е решено континуирано да го унапредува статусот на полициските службеници и вработените во МВР, како преку драстичното и сеопфатно материјално-техничко и инфраструктурно подобрување на условите за работа, така и со спроведувањето на загарантираните права на сите вработени, секогаш имајќи го предвид фактот дека само задоволна полиција претставува ефикасен сервис на граѓаните, работи со полн капацитет и легитимитет и испорачува резултати во активностите за справување со криминалот.






