„Новото мнозинство на СДСМ и Поинаку го направија токму она на што предупредив утрово. Претседателката на Советот, Габриела Илиевска, продолжува со популизам и своеволие да ѝ штети на Битола. Вакво незаконско работење од страна на претседател на Совет, не е запаметено досега во Битола. И покрај, предупредувањата од општинската администрација, за законските ограничувања, беа усвоени амандмани, а со тоа и ребаланс кој ја надминува дозволената рамка за 116.000.000 денари и нема да биде вчитан од Министерството за финансии“, изјави градоначалникот Тони Коњановски.
Ништо од амандманите кои беа усвоени нема да може да се реализираат, смета градоначалникот, според кого ребалансот е незаконски.
„Веројатно, знаејќи го тоа, а сакајќи да покажат неспособност на градоначалникот и општинската администрација, не го испочитуваа ниту Законот за финансирање на единиците за локална самоуправа, каде јасно е наведено дека, општината може да го надмине максимално утврдениот износ доколку обезбеди потврда за трансфер на средства од соодветна институција или во случај на промени кои се однесуваат на видот и висината на сопствените приходи на основниот буџет. Иако, од општинската администрација им беше сугерирано дека, законот предвидува, предлагачите на амандманите да укажат на можните извори за обезбедување на средства, советниците од новото мнозинство, не го направија тоа, односно изразија само желби за проекти, без финансиски план и визија за реализација“, рече Коњановски и ги повика предлагачите на амандманите, согласно донесената одлука за формирање на работни тела, час поскоро да застанат и да направат законско усогласување на програмите со подносителите, за да се овозможи функционалност.
Инаку, амандманите беа поминати претходно и во Комисијата за финансии и буџет со 18 гласови „за“ од опозициските советници, иако од ВМРО-ДПМНЕ тврдеа дека се незаконски, зашто за дел од нив се надминува рамката од буџетот и не е прецизирано од каде ќе се издвојат средства.
Според тоа за што беше расправано и гласано, поминале амандманите за бесплатна градинка за секое дете од 1 јули до 31 декември годинава, реконструкции на игралишта, проекти за канализации, повисоки пешачки премини на улици за смирување на сообраќајот, кружни текови, ДУП за урбани комплекси и друго.
Не поминаа измените на голем дел програми за работата на Советот, зашто мнозинството советници беа воздржани.
Според градоначалникот, нема да може да се реализираат ниту дел од неговата програма која вклучуваше финансиска поддршка на професионалните спортски клубови, реконструкција на Спортската сала Боро Чурлевски, поддршка на спортски здруженија и индивидуални спортски иницијативи, дополнителни средства за заловување на кучињата скитници, сместување на бездомните лица и друго.
За ребалансот на буџетот не гласаа советниците на Левица, кои во тој момент не беа во салата.






