среда, 17 декември 2025

Во СДСМ велат имале план за спротивставување на блокадите, ВМРО-ДПМНЕ одбројува до 10 мај

Објавено на

часот

Сподели

„Бесрамните најави на Мицкоски за засилени блокади се најнеодговорно однесување во време на најголемата економска и енергетска криза после Втората светска војна, кога Собранието треба да носи брзи и ефикасни решенија за граѓаните. Блокадите, деструкциите на штета на граѓаните е однесување коешто континуирано ја отсликува политиката на ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ, парламентарното мнозинство, досега наоѓале начин за надминување на блокадите, така ќе биде и сега. Имаме план како да се справиме со блокадите и потребните законски измени да бидат донесени во интерес на граѓаните и државата“, соопштија од СДСМ. 

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, нудат четири тима за да помогнат во решавање на проблемите со кои се соочуваат граѓаните и државата во секторите образование, здравство, енергетика и меѓународна политика.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во вчерашното гостување во емисијата „360 Степени“ на телевизија Алсат М, рече дека најавените блокади во македонското собрание се првиот чекор доколку владата на СДСМ и ДУИ не се вразуми. Според него, блокадата во Собранието значи блокирање на сите лоши законски решенија кои се во интерес на, како што кажа, кликата на власт.

Николоски смета дека власта на СДСМ ќе се вразуми до 10 мај и ќе ја прифати понудата на ВМРО-ДПМНЕ односно како што рече за доброто на Македонија.

„Но сѐ уште мислам дека ќе има свесност до 10 мај кај власта, за да ја прифатат понудата за доброто на Македонија. Прашањето во моментов е колку ќе изгуби државата која е во тешка криза затоа што ја водат неспособни“, рече Николоски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ