
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Лидија Петкоска потсети дека на 18 април поднеле Предлог закон за дополнување на Законот за трговија по скратена постапка, со кој се бара туристичките места да можат да работат и во недела.
„Овој наш предлог вчера беше одбиен само затоа што на 9 мај колегите од мнозинството поднеле идентичен закон, со идентична цел, но наместо ползата што граѓаните ќе ја имаат од законското решение, побитно им било кој ќе биде предлагачот.
И затоа што можат повеќе, после само неколку месеци од влегувањето во сила на законот што самите го составија и брзоплето го изгласаа, следува уште еден апсурд, а тоа е фактот што сега предлагаат 2% од вкупниот приход остварен во претходната година, наместо да бидат наменети за инвестирање во детски градинки, да се наменат за некаков Фонд за развој и човечки капитал.
Сите ги знаеме нивните фондови и сите знаеме што сторија со човечкиот капитал, кој моментално на огромна жал на сите нас, се наоѓа во далечната Германија, Швајцарија, Хрватска, па и секаде – само што подалеку од оваа власт“, изјави Петкоска.
Според неа, со ваквото однесување, власта не го закочи само Собранието, туку ги закочи и Охрид и Струга и целокупниот туристички и економски развој на државата, од која еден по еден, ги избрка сите млади луѓе.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ смета дека Предлог-законот за измена на Законот за трговија мора што побрзо да се донесе, без оглед кој е предлагачот, затоа што пред сè, е во полза на туристичкиот и економскиот развој.






