„Наставниците имаат право на нивелирање на коефициентите на сложеност на работните места според растот на минималната плата. Наставниците имаат право на покачување на платите согласно Колективниот договор. Тие тоа и го заслужуваат.
Владата, наместо да им се заканува и врши притисоци врз нив, треба да се потруди да ги исполни нивните барања, да го исполни тоа што им следи и да го исполни тоа што владата го прифатила со колективните договори“,изјави Весна Јаневска, претседателка на Комисија за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ.
На прес-конференција таа кажа ВМРО-ДПМНЕ ги поддржува вработените во образованието во нивното барање и во нивниот штрајк и смета дека нивните барања се оправдани.
„ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа образложенија од Владата дека во буџетот нема средства.
Владата на СДСМ и ДУИ не смеат вината за галопирачката инфлација во која горивата се покачија за 70% струјата се покачи за 30%, парното за 15%, лебот за дури 110%, маслото за јадење за 30% и сите основни намирници за околу 30 до 50% да ја наметнуваат врз оние коишто си ги бараат правата, а протестираат заради се потешкиот живот“, рече Јаневска.
Според неа, незадоволството е огромно и штрајкуваат државните службеници, матичните лекари, вработените во пошта, штрајкуваат и просветните работници, вработени во градинките, училиштата и научните работници, а решението, како што кажа, било во предвремени парламентарни избори.






