понеделник, 22 декември 2025

ВМРО-ДПМНЕ: Директорка на ЈП од СДСМ распишала тендер среде избори, го добил директорот на ТЕЦ Неготино од СДСМ

Објавено на

часот

Сподели

„Директорот на ТЕЦ Неготино и висок функционер во СДСМ, Небојша Стојановиќ од Неготино, преку неговата семејна фирма ХЕМ Алијанс чиј сопственик е неговиот татко, а управител неговата сопруга, во нетранспарентна постапка за јавна набавка, со низа пропусти и недоследности, успеал да добие тендер за изградба на мала хидроцентрала на системот за водоснабдување Лукар, преку јавно приватно партнерство со ЈП Комуналец Неготино.

Тендер на ЈП Комуналец, чија што директорка е Марина Бојаџиева, бил распишан и објавен на првиот ден од изборната кампања за локалните избори 2021 година, односно на 27.09.2021 година, што е во спротивност со Изборниот Законик кој децидно вели дека за време на кампања забрането е објавување на тендери од страна на јавни институции.

Небојша Стојановиќ, користејќи го моментот кога целото внимание на јавноста е насочено кон изборите, од позиција на директор на ТЕЦ Неготино и висок функционер на СДСМ, веројатно се потпрел на своето партиско и политичко влијание за објавување на тендер во своја полза. И на тој тендер е и единствен понудувач“, соопшти партискиот портпарол Наум Стоилковски.

Според него, директорката на ЈП Комуналец од Неготино, Марина Бојаџиева, иако била пристигната само една понуда на овој тендер, не го искористила своето законско право да го поништи тендерот, туку истиот го добил директорот на ТЕЦ Неготино и висок функционер во СДСМ, Небојша Стојановиќ.

Стоилковски на прес-конференцијата јавно постави неколку прашања:

Зошто тендерот е објавен на првиот ден од предизборната кампања?

Дали за предметот на јавна набавка е изработен елаборат за животна средина како законска обврска?

Дали е спроведена јавна расправа и колку граѓаните биле запознаени со намерата за изградба на мала хидроцентрала на системот за водоснабдување Лукар?

Дали формираната Комисија за евалуација на понудите ги исполнила законските критериуми?

Дали во годишниот план за јавни набавки на ЈП Комуналец била предвидена ваква крупна јавна набавка?

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ