
Во соопштението на македонското МНР се нагласува дека работата на Заедничката комисија за историски и образовни прашања е важен елемент и нераздвоен дел од спроведувањето на Договорот за пријателство од 2017 година.
„Соодветно на најновата иницијатива на двете држави, потврдена во рамките на заедничката седница на двете Влади, за проширување и продлабочување на меѓусебната соработка во сите области, ја поздравуваме одлуката на двајцата опретседатели на Комисијата за интензивирање на динамиката на работата на Комисијата, со цел надминување на разликите за најчувствителните прашања. Ја разбираме потребата на членовите на Комисијата, особено на нивните копретседатели, јавно да ги изложуваат нивните погледи и ставови, но истите притоа не треба да се толкуваат како државни позиции, ниту, пак, како дел од политичките ставови на двете Влади“, се наведува во соопштението од МНР.
Во него уште се додава дека двете Влади уште еднаш ги повикуваат сите фактори, вклучувајќи ги тука и членовите на Комисијата за историски прашања, за одржување на веќе договорената динамика на активности, која соодветствува со новиот интензитет на засилена комуникација меѓу двете држави, со цел да се искористи новиот моментум за соодветно надминување на разликите меѓу двете земји и откочување на процесот на европски интеграции на Северна Македонија.
Со идентично соопштение и пораки вечерва се огласи и бугарското Министерство за надворешни работи.






