недела, 21 декември 2025

Владата, Судскиот совет и Советот на јавни обвинители го разгледуваат случајот „Палермо“

Објавено на

часот

Сподели

Државната комисија за спречување на корупцијата ги повика Владата, Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да испитаат дали има прекршување на етичките кодекси откако Тупанчески, Фетаи и Нанев на сметка на ФФМ летаа до Палермо и добија билети во ВИП ложата за фудбалскиот натпревар меѓу Македонија и Италија на 24 март. Чартер летот за Палермо беше организиран на 22 март.

Обвинителката Фетаи пред два дена ги покажа уплатниците за туристичката агенција „Гуливер“ која ги организира аранжманите за ФФМ. Датумот на уплатниците е 28 март. На прашањето зошто дури тогаш ја платила фактурата откако во јавноста се постави прашањето на чиј трошок биле во Палермо фунцкионерите, вишата обвинителка Фатиме Фетаи вели дека платила во рокот даден со фактурата.

Ветувања дека ќе го разгледаат случајот „Палермо“ има и од Судскиот совет и од Советот на јавни обвинители.

Министерот за правда Никола Тупанчески, обвинителката Фатиме Фетаи, судијата Лазар Нанев, градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, поранешниот градоначалник на Охрид Никола Бакрачески и поранешниот премиер Владо Бучковски на фудбалскиот натпревар во Палермо меѓу Македонија и Италија летале гратис, односно на трошок на Фудбалската федерација. И Тупанчески и Фетаи цело време изјавуваа дека трошоците за престојот во Палермо ги платиле од приватна сметка. Гратис биле и влезниците во ложата на стадионот.

Иако од Министерството за правда ветија дека ќе бидат објавени платените фактури за престојот на министерот Тупанчески во Палермо, тоа јавноста се уште не го виде. Од Тупанчески ја знаеме само изјавата дадена за неколку медиуми дека се ова тривијални прашања и дека во Италија бил на свој трошок.

Во Етичкиот кодекс на Владата, промовиран од актуелната владина коалиција пишува (член 17): „Носителите на извршните функции при вршењето функции и должности не можат да примаат подароци, освен во случаите во износ и на начин утврдени со Закон за користење и располагање со стварите во државна сопственост…. Носителите на извршни функции не смеат да бараат, примаат односно да дозволат друго лице во нивно име и за нивна корист да дава или прима подарок, услуга или каква било друга вредност, помош или друга корист во врска со вршењето на функцијата, односно должноста, а која би можела да има влијание или на кој било начин да ги стави во несоодветна подреденост или обврска“.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ