Според вашата анализа, во рамки на преговарачкиот процес на Македонија за интеграцијата во Европската Унија произлезени се многу нелогичности во однос на преземените обврски од македонска страна. Дали може да се заклучи дека е сосема нелогично тоа што Македонија прво дозволи билатералните прашања со Грција да станат евроинтеграциски услов, а сега и со Бугарија да станат дел од преговарачкиот процес?
– Ние како Институт и јавно се спротивставивме на прифаќањето на вака структуриран преговарачки процес. Како држава имавме големо разбирање кај дел од европските партнери за нашата позиција (што беше и претежно од себични интереси на самите ЕУ членки) на неприфаќање на билатерални спорови во преговорите. Но, откако дадовме сигнали дека за нас тоа е прифатливо, односно откако на крај попуштивме, секако дека целата ЕУ застаната за предлогот и притисокот се префрли врз нас. Секако и тука ќе остане некое време и само ќе се зголемува. Дали згрешивме? Мислам дека избрзавме, односно контекстот немаше таква итност како што беше прикажувано, и дека поповолни околности можеа да следат. За волја на вистината ситуацијата во Бугарија не дава надеж дека прогресивни сили наскоро би биле на власт, но времињата се менуваат, а одлуките што ги донесовме трајно нè обележуваат.

Што мислите на што се должи тоа прифаќање – на незнаење, на немање искуство, на особено силен притисок? Прашањето произлегува од фактот дека сличен пример во евроинтеграциска смила нема во повеќедецениската историја на Европската Унија.
– Од сè по малку. Но во овој случај, најмалку поради притисок. Притисокот дојде на крајот, откако Владата се согласи на обврски за чие испорачување не беа консултирани ниту опозиција, ни пак јавноста. За жал, не учиме од историјата и како што се вели „сме осудени да ја повторуваме“. Примерот дека ќе ја направевме истата грешка како со Грција и дека секое одолговлекување е на наша штета, според мене, не држи бидејќи силата во меѓународните политики на двете земји не е иста.
Сепак, според вас, што е тоа што е најпроблематичното во делот на преземените обврски од преговарачката рамка?
– Формално правно во преговарачкиот процес (од кој преговарачката рамка е само дел) премногу тежина е ставена на билатералните договори со Грција и Бугарија, а во вториот случај се вметнаа и обврските од вториот протокол усвоен од владите на двете земји ден пред одлуката на Советот минатото лето. Ако сме искрени, Бугарија може да нè блокира во многу наврати, и поради многу причини кои навидум немаат врска со нивните барања за историски/идентитетски ревизионизам и слично. Обврските кои ги преземаме во вториот протокол се со трајни последици за нас и сè уште не знаеме до каде е нивната имплементација. На пример, говорот на омраза не е јасно дефиниран и Бугарија има слобода да го толкува како сака и да го користи тоа како аргумент против нас. Историската комисија треба да се среќава 8-10 пати годишно, што е неверојатно голема динамика која секако нема да испорачува резултати. Па и тоа повторно ќе биде прокнижено како наш минус, т.е. неспроведување на договорот во добра волја. Во суштина, за многу од преземените обврски или има многу малку време да се спроведат, или имаме асимтеричност, или пак, немаме јасни критериуми, рамки, процедури како истите ќе бидат спроведени. Проблемот е што ние прифатиме тоа да е така и сега може да ни се удира од глава.
Во дел од анализата велите дека Преговарачката рамка е одобрена, но од формално-правен аспект не е официјализирана. Што значи тоа? Не е важечка? Може некоја нова власт да ја поништи?

– Преговарачката рамка е документ на ЕУ (не е наш) и исклучително е тешко, речиси и неверојатно, истата да се промени од страна не ЕУ. Поништување од наша страна, откако веќе ја прифативме, е прескап политички акт кој не можеме да си го дозволиме, немаме преговарачки капитал со кој би можеле да тргуваме со ЕУ освен нашата стабилност, а тоа е прескап и опасен залог – би биле втурнати во голема бура на кризи, економски проблеми, популизам, етнички немири…
Генерално, дали мислите дека сите овие пропусти се добра основа за еден радикален потег на некоја нова власт за обид за редефинирање на една нова преговарачка рамка, во склад со основните европски принципи?
– Одговорив погоре.
Велите дека целиот овој случај е преседан. Како да излеземе од оваа јамка која ни е ставена со рамката?
– Мораме да договориме јасни процедури и правила на игра во спроведување на обврските од протоколот. Потребна е и итна реакција на Министерството за надворешни работи во координација со Министерството за правда, вклучително и со Народниот правобранител и да се отпочне комуникација со Советот на Европа и со Европската агенција за основните права, со цел користење на нејзината експертиза, совети и насоки за воспоставување функционален сеопфатен механизам со целосен респект на сите меѓународни норми и обезбедување заштита на слободата на мисла и говор.
Иако не е експлицитно напомнат, Акцискиот план за заштита на правата на припадниците на (сите) малцинствата или заедниците (и на бугарското), вклучително, меѓу другото, на полето на недискриминација, борба против говорот на омраза, образование, како и воспоставување на ефективни мерки, механизми за известување и идентификување на соодветните одговорни институции ќе биде од круцијално значење за напредок/динамизирање на процесот. Овој акциски план ќе биде прилог кон Патоказот за владеење на правото кои ги опфаќа поглавјата 23 и 24.

Во анализата споменувате дека не е проблемот само во Договорот за пријателство со Бугарија, туку и во Договорот со Грција. Каде пак тука може да се отворат некои нови проблеми?
– Преспанскиот договор на пример предвидува и „политички“ преоден период кој се однесува на сите документи и материјали исклучиво за внатрешна употреба кој ги користи нашата држава. Издавањето на документите и материјалите што спаѓаат во оваа категорија во согласност со член 1 (3) почнува со отворањето на секое поглавје од преговорите со ЕУ во соодветната област, и ќе се финализира во рок од пет години. Тука е и на пример, употребата на комерцијални имиња, трговски марки, на пример е оставено/одложено прашање кое допрва ќе следува и тука ќе има голем притисок, а ние немаме доволно внатрешни капацитети и со време треба да работиме на истите, а и да побараме помош.
А. Дамовски






