На прашањето дали земјава е подготвена да прими бегалци од Украина доколку избие воен конфликт со Русија, владиниот портпарол на денешната прес-конференција рече дека земјава во повеќе наврати покажала отворено срце, подготвеност и помагала во вакви и слични ситуации.
„Владата ќе понуди помош и во случај на ескалација во Украина. Сите напори се во насока тоа да не се случи. Денеска премиерот Ковачевски ќе има телефонски разговор со претседателот на украинската Влада Денис Шмигаљ. Меѓу другото и ова ќе биде една од темите. По овој контакт Владата ќе направи проценка и ќе имаме повеќе информации во врска со помошта што би ја понудила државата“, рече Арсовски.
Тој информираше дека Владата на вчерашната седница ја разгледала и усвоила Информацијата за безбедносната ситуација во и околу Украина и го задолжи Министерството за надворешни работи во координација со надлежните институции да ги преземе сите потребни мерки за осигурување на безбедноста на членовите од Македонија во Специјалната мониторинг мисија на ОБСЕ во Украина.
Како што рече Арсовски, во моментов нашите набљудувачи се безбедни и ги извршуваат своите редовни обврски.
„Сепак, во случај на дополнително влошување на ситуацијата се наметнува потребата од брз и ефикасен ангажман во насока на осигурување на нивната безбедност“, изјави Арсовски и додаде дека станува збор за 30-тина луѓе.
Македонската амбасада во Киев, пак, има евидентирано бројка од 100-тина македонски граѓани кои ги доставиле своите податоци дека престојуваат во Украина, а од нив заклучно со вчера во земјава се вратиле тринаесет лица.






