Во соопштението од Уставниот суд се вели дека „според подносителката на Барањето, повредено е правото на забрана од дискриминација по основ на национална припадност и правото на слобода на уверување, совеста, мислата и јавното изразување на мислата од член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот, гарантирани со меѓународни документи. Подносителката смета дека повредата на горенаведените права била направена со дејството потпишување на поединечен акт, односно потпишување на „Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во Резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на привремената Спогодба од 1995 и за воспоставување на стратешко партнерство помеѓу страните склучена во Преспа (Нивици) Грција на 17.06.2018 меѓу „Првата страна” Грција претставувана од министерот за надворешни работи Никос Коsијас и „Втората страна” (безимена држава) претставувана од министерот за надворешни работи, Никола Димитров“.
Каракамишева вели дека барањето го поднела на 8 октомври 2019 година, а „Уставот вели дека постапката за заштита на слободите и правата е приоритетна и итна! Судење во разумен рок. Само по овој основ, да не набројувам стотици други, судот во Стразбур ќе има многу работа“, вели професорката.
Според неа ова барање се заснова на тоа дека со Преспанскиот договор „ни се наметна ново државно име, ни се забрани да имаме национално име по свој избор и национален идентитет каков што самите го чувствуваме и одлучуваме за него што е спротивно на меѓународното право и на сите европски документи за човекови права“.






