недела, 21 декември 2025

Уште необјавени резултатите од пописот, партии и здруженија најавија бојкот на резултатите

Објавено на

часот

Сподели

Резултатите од септемврискиот попис на населението на Македонија ќе бидат објавени на 30 март во зградата на Филхармонија во Скопје. Деновиве директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски изјави дека по објавувањето на резултатите очекува да биде прогласен за државен непријател. „Наредните месец дена ќе бидам државен непријател број 1, но ние не сме џубокс за исполнување на желби, туку треба да направиме реална фотографија за населението“, рече  Симовски.

На оваа изјава веднаш реагираа од Левица. „Со изјавата на Апостол Симоски дека по објавување на резултатите од пописот ќе биде државен непријател број 1, очекувано е што се зголеми недовербата кај народот. Веќе почнаа да се даваат прогнози и анализи на новиот договор меѓу СДС и ДУИ на штета на етничките Македонци. ДУИ го условуваат објавувањето на резултатите од пописот со  зголемување на својот процент од 25,17% на 30% на сметка на намалување на процентот на Македонците од 64,17% на 59%. Воедно, Апостол Симоски треба да го ‘наштелува’ и процентот на иселени македонски државјани од сите националности. Па така бројката за резиденти – постојани жители на Македонија да биде 1,8 милиони што е нереално, ако се земе предви дека во 2001 година тој број изнесувал 2,022,547 жители. За Бугарите е договорена бројка од 2.600 изјаснети на пописот“, велат од Левица.

За македонската конзервативна партија Интегра статистичката операција Попис 2021 е измама на векот во најава.

„Ние нема да ги признаеме резултатите од пописот. Фатаморгана методологијата со јавното колекционерство на матични броеви од лични карти е криминална измама. Бројни попишувачи се спремни да сведочат јавно и на суд, дека трпеле притисок да соберат што повеќе матични броеви, без да е присутен тој кој се попишува, што е кршење на Законот за попис, според кој лично се попишуваат лица кои се затекнати на лице место, и тие се сметаат за резидентно население.

Ние ќе ги оспориме резултатите од пописот во 2021 година и идната влада ќе треба да организира нов попис на најдостоинствен, реален и доверлив начин. Сите политички партии од македонскиот блок, кои ќе го признаат пописот 2021 и резултатите од него, ќе ги осудиме за велепредавници и ќе бидат распнати на столбот на предавството на својот народ со тековниот пописен етнички реинженеринг во татковината Македонија“, велат од Интегра.

Од Светскиот македонски конгрес упатуваат предупредување од дестабилизација поради долгорочните последици по суверенитетот и територијалниот интегритет на државата по објавување на пописниот фалсификат.

„Пописот го бојкотирале најмалку 900.000 лица, останатото е операција попис на матични броеви.  Пописниот фалсификат ја рекомпонира државноста и претставува обид за дерогирање на македонскиот од мнозински народ во едно од многутте малцинства во сопствената држава Македонија. Овој пописен фалсификат врши дискриминација врз македонскиот народ и етничките заедници како национални малцинства, што не е во функција на обезбедување мирен и стабилен сестран развој на државата Македонија и нејзиниот суверенитет и интегритет, обезбедени на мирен и демократски начин. Не признаваме пописен резултат во кој етничките Македонци би биле помалку од 75% од вкупното население во државата Македонија, независно од емиграцијата. Заради релаксација на етничките тензии и мир во општеството и натаму предлагаме Собранието да донесе уставен закон за спроведување на Уставот кој ќе гласи: ‘Независно од пописните резултати, се гарантираат правата и слободите на граѓаните утврдени во Уставот на државата Македонија од 17 ноември 1991 година’“, соопшти СМК.

И од здружението на Ромите во Македонија Аваја, забележуваат на бројните нерегуларности за време на пописот и нереагирањето од надлежните на тврдењата на голем број Роми дека не биле воопшто посетени од попишувачи. Тоа укажува на системски недостатоци и остава простор за сомневање во валидноста на пописот, велат од Аваја.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ