недела, 14 декември 2025

Талат Џафери ќе биде технички премиер, одлучи ДУИ

Централното претседателство на Демократската унија за интеграција (ДУИ) на состанок во партиското седиште одлучило актуелниот претседател на Собранието Талат Џафери да биде технички претседател на Владата на Македонија од 28 јануари во пресрет на изборите напролет. Се очекува викендов и СДСМ да донесе одлука, како што веќе и повеќепати сме пишувале, координаторот на пратеничката група на коалицијата на владејачката партија Јован Митрески да седне во претседателската фотелја во Собранието – до изборите.

Објавено на

часот

Сподели

Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, на својот фејсбук-профил ги објави и другите одлуки од состанокот на партиското Претседателство во Мала Речица во врска со учеството на ДУИ на претседателските и парламентарните избори во 2024 година. 

„Фатмир Бесими е избран за шеф на Централниот изборен штаб за изборите 2024. Се овластува претседателот на партијата да продолжи со разговорите со политичките партии и да одлучува за евентуални коалиции за претседателските и парламентарните избори“, објави Османи на Фејсбук.

Oсмани на Фејсбук стави и една илустрација, слоган познат од претходните избори – „Зошто не“ (Pse jo).

d

Одлуката на чело на Владата да застане Албанец, односно лице номинирано од ДУИ е базирана на договорот од 2020 година помеѓу тогашниот премиер Зоран Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, според кој, во последните 100 дена пред изборите, функцијата претседател на техничката (пржинска) влада ќе биде во рацете на ДУИ.

Со оглед на тоа што Џафери ќе ја напушти фуницијата претседател на Собранието, според тоа што досега се знае од партиски извори, договорот меѓу СДСМ и ДУИ е на чело на парламентот да застане координаторот на пратеничката група на социјалдемократите, Јован Митрески.

Во случај да нема цензус за претседателските избори, тогаш по функција претседателот на Собранието ја презема функцијата шеф на државата до избор на нов претседател.

Техничката или попозната како пржинска Влада подразбира и учество на најголемата опозициска партија со министри во две клучни министерства од аспект на можен изборен поткуп и манипулации и тоа во МВР и Министерството за труд и социјална политика, како и со заменици, односно дополнителни заменици министри во уште три министерства. 

Против праксата и пред овие избори да има пржинска влада беше ВМРО-ДПМНЕ, но од СДСМ и ДУИ рекоа дека нема време за со консензус да се укине ваквата влада иако и двете партии од власта се согласни дека таква влада е нефункционална.

Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе се согласи да учествува во пржинска влада, останува да се види. Доколку одбие да учествува, тогаш тоа ќе значи дека практично таква влада престанала да постои.

Парламентарните избори следната година, според договорот на лидерската средба одржана на 4 декември, ќе се одржат на 8 мај. Истиот ден ќе се гласа и во втор круг претседателски избори, откако првиот ќе се одржи на 24 април.

Ова значи дека техничката влада на чело со Џафери ќе стапи на должност на 28 јануари, а изборите ќе се распишат на 28 февруари.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ