Како што МКД.мк веќе објави, српскиот медиум Курир, повикувајќи се на извор од СПЦ, пишува дека „Српската црква ќе признае единство со досегашните расколници во Северна Македонија во рамки на Охридската архиепископија, нешто што и самата сакаше да го направи, но намерно беше престигната од вселенскиот патријарх Вартоломеј кој сакал да излезе дека исклучиво благодарение нему е донесена одлуката за канонско признавање на клирикот на досегашната расколнича црква“.
Курир, повикувајќи се на својот извор од СПЦ, дознава дека одлкуката за признавање требало набрзо да биде донесена, бидејќи за тоа веќе било преговарано изминативе месеци на ниво на поглаварите на двете цркви, па дури и на почетокот на овој месец во Ниш, и дека на тој начин ќе бил решен 55-години стариот проблем.
Според Курир, досегашниот прв човек на ПОА Јован Вранишковски ќе биде пензиониран, неговата црква ќе влезе во рамките на Македонската црква, а неговите епископи ќе добијат на управа или некој од манастирите во Македонија и ќе го задржат епископскиот чин, или пак ќе добијат епархија „внатре во Охридската архиепископија”.
Инаку, СПЦ досега нема официјална реакција на одлуката на патријархот Вартоломеј, освен изјавата на зворничко-тузланскиот епископ Фотиј од 6 мај, пред објавата на одлуката на патријархот Вартоломеј, кој потврди дека имало средба меѓу претставници на двете цркви. Тој притоа кажал дека на заседанието на Саборот на СПЦ непризнатата МПЦ ќе се врати во канонско единство со СПЦ.






