Според власта, влезот на Македонија во Европската Унија е државен стратешки интерес и таа прави сѐ до 2030 година земјава и официјално да стане дел од европското семејство. Прво приоритет на тој пат се уставните измени за кои власта нема мнозинство во Собранието иако, како што повеќепати изјави вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ се разговара со секој еден пратеник. Сепак, извори за МКД.мк тврдат дека главната битка се бие зад политичката сцена далеку од очите на јавноста. Една од тие битки се преговорите за враќање на поранешниот премиер, Никола Груевски, назад во Македонија.
Гласникот Битиќи прв го удри гонгот
Дека можеби нешто се „готви“ прв синоќа најави вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи. Тој во гостување на ТВ 21, прашан дали власта може да се пазари со гласови за уставните измени во замена за враќање на експремиерот Никола Груевски, одговори дека лично тој е подготвен да се согласи со поставените услови.
„Подготвен сум за доброто на државата да се согласам со условите што ми се поставени. Јас сум првиот што седнува и зборува за помирување, ако резултатот од тоа помирување може да донесе појасна иднина за државата и идните генерации кои треба да живеат овде“, рече Битиќи и појасни дека тука е вклучено и враќањето на Груевски.
Сепак, рече Битиќи дека „помирувањето не значи амнестија“.
„Помирувањето може до некаде да ја ублажи казната. Нема простување на делата“, изјави Битиќи.
Првата препрека е пресконата има уште најмалку три
А првиот чекор за ублажување на казните на функционерите меѓу кои е и Груевски беше измената на дел од Кривичниот законик според кој сега се намалени казнети за кривичните дела злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба. Со намалување на казните автоматски се намалуваат и роковите за застарување на гонењето.
Вториот чекор би бил Врховниот суд да донесе начелно правно мислење со кое ќе се потврди дека помилувањата на Иванов биле законски.
Токму затоа судски извори за МКД.мк тврдат дека владеачката партија ДУИ врши „жесток притисок врз судиите Албанци“ да гласаат за донесување на такво начелно правно мислење кое од нив, преку Иницијатива го побара скопски адвокат, а се однесува токму на помилувањата на Иванов.
„Судиите Албанци се под притисок да гласаат за начелно правно мислење за аболицијата, различно од тоа што го гласаа во случајот Транспортер. Целата на ова мислење е да важи за предметот Тенк што е и најголем проблем за Груевски. Другите предмети се опфатени со измените на Кривичниот законик со што тие или целосно или делумно ќе застарат. А за случајот Шамарите во Центар, Груевски ќе бара повторување на постапката затоа што е осуден во негово отсуство. Случајот Плацевите на Водно и онака е пред Врховниот суд поради жалба на осудените. И во овој случај се врши притисок врз судиите истиот да биде вратен на повторно судење затоа што во второстепената постапка обвинетите во овој случај беа осудени на девет години затвор. Кога сѐ ова ќе заврши Груевски ќе може да се врати назад. Таков е планот“, тврдат нашите извори.
Но за да успее ваквиот евентуален план на власта има најмалку три пречки.
Првата и најважна се судиите и нивното загарантирано право и обврска да одлучуваат независно и непристрасно. Она што е важно во овој случај е што Иницијативата за помилувањата би се разгледувала на општа седница на која право да расправаат имаат сите 15 врховни судии вклучително и претседателот на судот кој има право на глас. Седницата може да биде отворена за јавноста, а одлуката за тоа ја носи претседателот на судот.
Втората пречка е што Врховниот суд еднаш веќе донел начелен став во случајот Транспортер дека помилувањата на претседателот Иванов не важат. Токму затоа, велат нашите извори, скопскиот адвокат поднел нова Иницијатива до судот по друга правна основа.
Третата пречка во случајов е тоа што Врховниот суд и да сака да донесе начелен правен став во врска со иницијативата, нема да може затоа што за да го донесе треба да постои различна судска пракса од различни судови за вакви случаи. Во овој случај таква различна пракса нема, ако не за друго, туку само затоа што случаите од областа на организираниот криминал, за што и се гонат поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ меѓу кои и Груевски, ги суди еден суд во Македонија, а тоа е Основниот кривичен суд Скопје.
Врховниот суд вчера објави дека до судот е доставена Иницијатива за утврдување на начелен став и начелно правно мислење за повеќе прашања во врска со кривичната постапка, помеѓу кои и за прашањето за дадените помилувања од страна на поранешниот претседател, Ѓорге Иванов.
Оттаму засега велат дека предметот е примен во јуни годинава и е даден во работа на судија-известител.
Врховниот суд има рок од шест месеци да донесе одлука по иницијативата.
Во јавноста сѐ нема официјални реакции на изјавата на Битиќи. Само поранешниот министер за финансии, Џевдет Харедини се гласи на фејсбук.
„Не е и не може да биде добро за државата кога корумпираните криминалци се подготвени да се помират за да продолжат со корупцијата“, напиша Хајредини на својот фејсбук профил коментирајќи ја изјавата на Битиќи дека е подготвен да се помири со Груевски ако тоа донесе појасна иднина за државата.
Искра Опетческа






