Проценките се дека околу 80.000 работници во државата со мартовската исплата во април ќе земат зголемена минимална плата. Зголемувањето на минималецот ќе биде потпомогнато од страна на државата која ќе одвои 16 милиони евра од Буџетот до крајот на годината за исплата на разликата во придонесите.
Со законските измени се менува и методологијата за годишното усогласување на минималната плата, односно усогласувањето ќе се врши според следните критериуми – 50 проценти од годишниот раст на просечната плата и 50 проценти од трошоците за живот, а висината на минималната плата не смее да биде пониска од 57 проценти од просечната плата.
Предлог-измените на Законот за минимална плата беа доставени до Собранието откако по неколкудневни преговори на Економско-социјалниот совет на 7 февруари беше постигнат договор за зголемување на минималната плата на 18.000 денари.
Според пратениците од владејачкото мнозинство со ова законско решение ќе се подобри животниот стандард на околу 80.000 работници кои земаат минимална плата, а како што оценија, добро е и тоа што е променета методологијата за годишното усогласување и што минималната плата нема да може да биде пониска од 57 проценти од просечната плата.
Пратениците од опозицијата, пак, изразија жалење што не е прифатен нивниот амандман за скалесто зголемување на сите останати плати бидејќи инфлацијата, како што рекоа, влијае на животниот стандард на сите работници. Според нив, доколку се зголеми само минималната плата, а не и останатите плати, тогаш ќе дојде до „урамниловка“.






