„Се чини дека посетата на Приштина беше повеќе за да се претстави Таравари како иден претседател на Алијанса за Албанците. Села пред неколку недели пред партиските органи најави оставка, но нема храброст да ја презентира во јавноста. Неотповиклива оставка на Села бараат негови сопартијци и активисти поради неколкуте последователни изборни неуспеси, и парламентарни и локални“, пишува Тетова сот.
Според порталот, најавената оставка го поттикнала и Арбен Таравари да се повлече од функцијата генерален секретар, но не ја исклучил можноста да се кандидира за лидерската позиција.
Самиот Таравари пак, деновиве порача дека доколку Села се кандидира за нов мандат, дека се разбира дека тој ќе ја поддржи таквата негова одлука.
Инаку, по средбата со косовскиот премиер Села рече дека било разговарано за пандемиската криза и за спроведените мерки и дека добиле најава дека мерките што ги воведе Косово ќе се ублажат.
„Меѓуалбанската комуникација е многу важна, фактичката состојба е дека имаме граници, но од двете страни на границата имаме пријатели, браќа и братучеди кои треба да комуницираат меѓу себе”, рече Села во контекст на мерките според кои за влез во Косово се потребни три дози на вакцина против ковид-19, или две дози со негативен ПЦР тест, потврда за прележана болест со негативен тест.
Во соопштението на косовската Влада за средбата со делегацијата на Алијанса за Албанците се вели: „На средбата се разговараше за управувањето со пандемијата во двете земји, за трендот на вакцинација и за можноста за олеснување на мерките“.
Косовскиот премиер Курти, во рамки на разговорите за регионалната ситуација, кажал дека во фокусот на дијалогот на релацијата Косово – Србија, треба да биде „взаемното признавање меѓу двете земји, како единствен начин за одржување на мирот и долгорочната стабилност во регионот“.
Зијадин Села, како што соопшти косовската Влада, на Курти му кажал: „Во однос на иницијативите како Отворен Балкан, господинот Села рече дека таква иницијатива нема смисол додека не се постави последното камче во мозаикот на балканскиот регион, а тоа е признавањето на независноста на Косово од страна на Србија. Во спротивно, тоа би имало многу штетно влијание врз државноста на Косово и воопшто врз Албанците“.

Во рамки на посетата на приштина Зијадин Села бил примен и од претседателката на Косово Вјоса Османи.
Инаку, во изјава за новинарите во Приштина, Села истакнал дека лидерот на ДУИ Али Ахмети е виновен за лошата состојба во која се наоѓаат Албанците од Македонија. Оценувајќи го пак, изборот на Димитар Ковачевски за премиер, Села изјавил дека сепак пристапот на македонската Влада кон Албанците е во зависност од пристапот на Ахмети како партнер во владината коалиција.
П.Џ.






