„Македонското знаме гордо се вее пред седиштето во Брисел, а македонската Армија е рамо до рамо со најсилните армии во светот. За жал, периодов со воената агресија врз Украина и загрозувањето на нејзиниот суверенитет се покажа колку безбедноста и сигурноста на граѓаните може лесно да биде загрозена. Но истовремено, тоа ни покажува колку е важно тоа што Северна Македонија е членка на НАТО, благодарение на тој успех, денес нашите граѓани можат да бидат спокојни затоа што ја уживаме заштитата на НАТО Алијансата. Во услови на безбедносна криза гледаме колку е важно членството во НАТО. НАТО значи безбедност и сигурност, неповредливост на границите и територијалниот интегритет на државата. Од денешна перспектива се потврди дека политиките на ВМРО-ДПМНЕ да ги блокира одлуките во Собранието, Референдумот и Договорот од Преспа беа погрешни и на штета на државата“, се вели во соопштението на СДСМ.
Од таму му порачаа на Христијан Мицкоски дека му беше тешко да аплаудира во Собранието при ратификацијата на членството во НАТО, но и дека покрај опструкциите и деструктивноста на опозицијата СДСМ успеа ја оствари стратешката цел, заедно со граѓаните, со сите демократски сили во општеството.
„Како што остваривме членство во НАТО, така ќе ја реализираме и втората стратешка цел, членство во ЕУ. Со СДСМ државата оди напред и како државотворна партија продолжува да ги реализира стратешките цели.“, завршуваат од СДСМ.






