„Иако СДСМ во својата програма вети една изборна единица, сега гледаме како преку коалицискиот пазар со ДУИ пробуваат да ја продадат приказната ‘за лош и добар полицаец’, односно дека тие се за една изборна единица додека ДУИ е таа што е против. ДУИ има јасна цел овој процес воопшто да не почне со што процедурата во Собранието би била блокирана, а СДСМ знаејќи го тоа повикува на консензус од сите партии иако знае дека тоа е невозможно. Сметаме дека на јавната дискусија која што треба да се организира во Собранието најјасно ќе се види кој е за ваков изборен модел, а кој не е“, изјави денеска во Собранието пратеникот Дајанчо Ефтимов. повикувајќи ја СДСМ да каже дали ќе си го исполни програмското ветување
За истото прашање, но како реакција на обвинувањето од страна на Ефремов, од СДСМ возвратија дека токму ВМРО-ДПМНЕ го блокира овој процес.
„Веќе имаме научено дека ВМРО-ДПМНЕ е таа која што се задскриваше и нивното лицемерие не се покажува само сега туку и со многу други законски решенија, во однос на ова предложено законско решение за една изборна единица. Јас само ќе кажам дека ова е наша програмска определба уште од 2016 година и истото е преточено и во програмата од 2020 година. Ние веќе имавме еден обид за отворање на дискусија за една изборна единица, но тогаш ВМРО-ДПМНЕ тоа го блокираше и добро е што сега се премислија и што имаме консензус како најголеми политички партии заедно со помалите политички партии ова прашање да се отвори како што тоа личи, во Собранието. Времето ќе покаже дали е некој лицемерен и ако е да видиме кој е тој што е лицемерен“, реплицираше пратеничката Снежана Калеска Ванчева.
Инаку, лидерот на Демократски сојуз Павле Трајанов, чија партија заедно со другите помали партии од владејачката коалиција иницираше предлог закон за една изборна единица, изјави дека доколку нема консензус за Македонија да биде една изборна единица, дека ќе побараат вонредни парламентарни избори. Како што рече Трајанов, доколку војната во Украина заврши и доколку ситуацијата во земјава е стабилна.






