Изборниот законик треба да стапи во сила најмалку шест месеци пред изборите за да можат институциите да се подготват непречено да ги спроведуваат промените. Во извештаите на ОБСЕ/ОДИХР досега неколку пати е нагласено дека сè уште има голем број прашања во законската рамка за изборите што треба да се решат. Изборниот законик треба да се ревидира сеопфатно со цел да се усогласи во рамки и со другите релевантни закони, да биде во согласност со целите на ОБСЕ, меѓународните обврски и добрите практики.
Сите партии, освен партиите на Албанците во Македонија, досега се изјаснија дека се за една изборна единица и за отворени листи. Од албанскиот блок доаѓаат предлозите за три или осум изборни единици во Македонија. Отворени се и прашањата за прагот за влез во Собранието, финансирањето на партиите, медиумското претставување…
Во работната група ќе има претставници од СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците. Од опозициските партии претставници ќе имаат Беса, Алтернатива, Левица и Демократскиот сојуз.
Во работната група ќе членуваат и претставници од МВР, Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА). Членови ќе има и од Државната изборна комисија (ДИК), Управниот суд, Управата за водење матични книги (УВМК), Државниот завод за статистика (ДЗС) и Централниот регистар.
Исто така свои членови ќе имаат и МОСТ, Цивил, Полио плус, Националниот демократски институт, како и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ).
Работна група за изборните измени има, но официјални насоки како ова тело ќе работи се уште нема, изјави синоќа во разговор за ТВ 24 Новаковски кој додаде дека иако официјално прифатил да биде прв човек на ова тело на иницијатива на Министерството за правда сепак се уште немаат конкретни насоки кога ќе се состане телото и што ќе биде меѓу првите точки на дневен ред.