На средбата со поглаварите – на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, на Исламската верска заедница, Реисул Улема хаџи Шаќир ефенди Фетаи, на Католичката црква, монсињор Киро Стојанов, бискуп скопски и струмичко-скопски епарх, со претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви и со Марјан Димов, суперинтендент на Евангелско-методистичката црква, премиерот напомена дека добрата соработка со верските заедници ќе продолжи и во иднина, се вели во владиното соопштение.
Владината прес-служба вели дека Ковачевски примил честитки за својот премиерски мандат и за изборот на новата Влада, како и „благодарност за денешниот прв состанок, организиран на највисоко политичко ниво, што е оценет како достоинствено внимание кон верските заедници и продолжување на добрата соработка со Владата“.
„Премиерот Ковачевски напомена дека добрата соработка со верските заедници ќе продолжи, и посочи дека нема нерешливи прашања кога се работи според принципот на почитување и дијалог и дека тој како премиер и политички стабилната Влада, се определени да ги продолжат и унапредат ефикасните политики, што даваат резултати во полза на сите граѓани“, соопштија од Владата.

Исто така, на средбата заеднички било констатирано дека успешната изградба едно општество за сите, во последниве години, е придобивка за сите граѓани, а во таа насока е истакната и добрата соработката меѓу верските лидери, како придонес во воспоставувањето меѓусебна доверба и почитување меѓу заедниците.
На состанокот биле разгледани повеќе актуелни прашања, кои биле истакнати како важни од страна на претставниците на верските заедници, присутни на средбата.






