недела, 21 декември 2025

Предлогот за една изборна единица помина на Комисијата за политички систем

Објавено на

часот

Сподели

Како што образложи Трајанов во име на поднесувачите на Предлог-законот, со предложените измени ќе им се овозможи на помалите политички партии „да го остварат своето право на претставување”, а секој пратеник да има иста тежина. Составот на Парламентот, вели тој, ќе биде реален одраз на определбите на граѓаните, помалите етнички заедници ќе бидат застапени во Парламентот преку директно вклучување во изборниот процес без да бидат вклучувани во коалиции со големите политички партии и ќе се демонтирана, како што наведе, „еднопартискиот начин на владеење”, според кој партијата која е на власт ги носи сите клучни одлуки во државата. Тој очекува по усвојување на потребата од носење на Законот да следи јавна дискусија со вклучување на сите партии, НВО, експерти, ЕУ и ОБСЕ, во која ќе преовладее силата на аргументите за потребата за промена на сегашниот концепт.

„Тоа е во интерес и за демократизација на државата, но и на над 60 проценти граѓани. Сум за тоа врз основа на силата на аргументите да се гради консензус и на крај сепак преку јавната дискусија и можни амандмански интервенции да изградиме мнозинство и повеќето од пратениците да се изјаснат „за”. Многу тешко е за ова прашање да се обезбеди консензус на кој што се повикуваат некои од политичките партии дека тоа било добра практика. Но, јас досега не верувам дека имало консензус. Имало консензус само на две или три политички партии, а другите партии никој не ги консултирал. Консензусот ќе го градиме во Парламентот, и ако мнозинството или повеќе од две третини се изјасни „за”, мислам дека нема да има никаква пречка овој законски проект да помине,“ рече Трајанов, според кого над 90 пратеници дале поддршка за една изборна единица.

Заменик координаторката на ДУИ, Вјолца Адеми го пренесе партискиот став дека за ваков важен закон потребен е поширок консензус – меѓупартиски и меѓуетнички.

„Изборниот модел ни дава слика на општеството и постојниот со шест изборни единици, ова најдобро го рефлектира. Ние ќе продолжиме со дискусии како ДУИ, но со аргументи. Не можеме да дозволиме да се направи мајоризација на една над друга политичка партија. Отворени сме за преговори, но треба да имаме поширока дебата со аргументи,“ вели пратеничката Адеми.

Координаторот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски истакна дека партијата принципиелно го поддржува Предлог-законот и треба да продолжи дискусијата по ова прашања за да се слушнат сите чинители во општеството.

„Принципиелно го поддржуваме ставот за една изборна единица и во оваа фаза ќе го поддржиме овој закон да продолжи да се дебатира за изборниот модел и за оваа исклучително битна тема во експертската и пошироката јавност, се со цел развој на демократијата и продолжување на демократските процеси во државата,“ рече Мицевски изразувајќи надеж дека тоа ќе го направат и останатите партии во Парламентот и дека законското решение нема некаде да „заглави”.

Снежана Калевска Ванчева од СДСМ нагласи дека промената на изборниот модел не е нешто што се случува често и тој треба да произлезе од степенот на развојот на демократијата и потребите кои треба да ги отсликуваат состојбите во државата, како и разновидноста по многу основи. СДСМ, додаде таа, како политичка партија го промовира изборниот модел со една изборна единица со програмата уште од 2016 година, но децидни се дека до промена на изборниот модел мора да дојде преку широк консензус и не се согласува со Трајанов оти таков консензус не може да се постигне.

„Во изборниот модел мора да веруваме сите, ако сакаме навистина демократски процеси, а ако не веруваме во изборниот модел сите, тогаш имаме проблем. Јас не велам дека е потребен апсолутна согласност, тоа не постои, но мора да имаме поширока согласност за едно вакво клучно прашање.. Ако нешто поздравувам тоа е конечно овде да се води расправа за изборниот модел, а не помеѓу неколку лидери на политички партии надвор од Собранието,“ рече Калевска Ванчева, потенцирајќи дека во оваа фаза дава поддршка на Предлог законот.

Халил Снопче од Алијанса за Албанците смета дека е потребна промена на изборниот модел, но со воведување осум, наместо постојните шест изборни единици што е, според него, согласно Законот за регионален развој и поделбата на осум региони, а бројот на пратеници нема да биде фиксен, туку нивниот број во секоја изборна единица ќе се определува согласно бројот на гласачи.

„Македонија е мултинационална и мултикултурна држава и не би сакал да влегуваме во некои експерименти со последици од кои тешко ќе излеземе. Осум изборни единици за нас е најдобрата опција,“ вели Снопче.

Предлогот за една изборна единица помина со 11 гласа за, по што треба да следи и отворена јавна расправа за промена на овој модел.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ