Повеќе од два часа беа потрошени во препукувања, довикувања, обиди да се добие збор низ процедурални забелешки во поглед дали се почитува Деловникот, дали воопшто е усвоен дневниот ред или не.
Според опозициските пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, како и од опозиционерите Албанци, спорен е делот во кој се овозможува вработување на неопределено време без приправнички стаж, а со тоа и изедначување на платите помеѓу нововработените и оние кои со децении работат.
Пратеничката Дафина Стојаноска рече дека во законот на сокриен начин е предвидено такво нешто, како во договорите за земање кредит каде се наведува со ситни букви тоа што не би требало да се прочита, што фрла сомнеж дека на власта намерата не ѝ е искрена.
Од опозицијата беше негодувано и затоа што не биле прифатени нивните предлози во законот да влезе и покачување на платите согласно промените на висината на минималната плата, но и затоа што поднеле слични законски измени во кои е изземен делот вработување на неопределено без приправнички стаж.
Владејачкото мнозинство ја обвини опозицијата дека наспроти декларативните заложби за повисоки плати и на наставниците и на работниците воопшто, нејзината цел, како што беше речено, е чисто партиска, преку блокади и невистини да гради партиски рејтинг, на сметка на интересите на вработените граѓани.
Пратеничката Санела Шкријељ рече дека нема СДСМ нема да дозволи поради партиските интереси на ВМРО-ДПМНЕ наставниците и стручните работници да не остварат покачување на платите и посигурен работен стаж.
Од ДУИ понудија компромис, да се формираат работни групи и да се почне со работа, со оценка дека треба да се врати достоинството на говорницата зашто не е добро граѓаните да гледаат како се караат и навредуваат пратениците меѓу себе.






