Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на Пржинската влада која се формира 100 дена пред парламентарни избори го образложи координаторот Никола Мицевски, според кого, ваквото решение е нефункционално.
„Нефункционалноста на актуелното законско решение имавме можност да ја видиме во повеќе наврати. Очекувам поддршка за бришење на овие одредби од законот, а истите можеме да ги дискутираме во текот на постапката“, изјави Мицевски.
Со изјава се јави и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Ане Лашкоска и рече дека СДСМ со гласањето против укинувањето на таканаречената Пржинска влада повторно го покажал на дело своето лицемерие.
„Иако во јавноста се изјаснуваа дека се согласуваат за укинување на Пржинската влада, денес на еден кукавички начин повторно избегаа од избори. Ние сме свесни дека СДСМ направи сѐ за што подолго да остане на власт бидејќи знаат дека на наредните парламентарни избори ќе бидат казнети од граѓаните за своите штетни политики“, изјави Лашкоска.
За претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, однесувањето на СДСМ со тоа што ја отфрла Пржинската влада е кукавички.
Пратениците не дадоа поддршка ниту за укинување на апанажата, што беше предлог на Левица. Со „за“ се изјаснија само 16 пратеници, а „против“ беа 13 поради, со што и овој предлог не беше усвоен.
„Целта на предлог-законот е да се укине правото на остварување на плата по престанување на извршување на функцијата на пратеник во Собранието, функционер и раководен работник кој го именува Собранието односно назначува телото што тоа ќе го овласти, претседателот на Република Македонија и Владата или т.н. право на апанажа, како и почитување на уставниот принцип на забрана за дискриминација врз основа на класно/социјално потекло и имотна, т.е. општествена положба. Предлог-законот одговара на моменталната економска, енергетска, здравствена и финансиска ситуација во време на прогласена кризна состојба и сметаме дека ова решение е во насока на задоволување на целите на овој предлог-закон“, пишува во предлогот што го поднесоа пратениците на Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов.
Во процедурална забелешка за предлог-законите зборуваше спикерот Талат Џафери, меѓу другото, објасни и зашто гласал „против“ предлогот на Левица и рече дека Собранието не е локална самоуправа што функционира врз доброволна основа, без надоместоци, а на крајот на мандатот функционерите ја користат законската можност.






