петок, 19 декември 2025

Повикани иселениците да помогнат во странство да се користат правилно зборовите македонски и Македонец

Објавено на

часот

Сподели

„Извесно време по потпишувањето на Преспанскиот договор, македонските иселеници кои живеат и работат во странство се сведоци на несоодветна пракса на користење и толкување на термините и одредниците согласно Договорот од страна на странските медиуми и институции.

Се почесто се среќава употребата на: Северномакедонски јазик, Северномакедонска институција, Северномакедонец и т.н во официјални формулари, извештаи, статистики и други документи и изјави од клучни институции, кои се спротивни од Договорот и го нарушуваат националниот идентитет.

Како граѓани на странски држави, поголеми се можностите за увидување на наведените состојби и како организирани форми преку дејствувања, укажувања и реакции ве молиме да земете активно учество во процесот на правилно користење и употреба на термините и одредниците согласно Преспанскиот договор“, се вели во повикот на Агенцијата за иселеништво до сите иселенички организации.

Иселениците се потсетуваат дека  според Договорот од Преспа, официјалниот јазик е  „македонски јазик”,како што е признаено на Третата конференција на ОН за стандардизација на географските имиња, одржана во Атина во 1977 година, дека и националната припадност останува „Македонец – Македонка“, како и „други употреби на придавката, вклучително и употребата на придавката во однос на приватни ентитети и актери…“.

Инаку, Министерството за надворешни работи имаше и соопштение преку кое јавно се обврза дека ќе реагира секогаш  кога ќе се увиди несоодветна (спротивна на Преспанскиот договор) употреба на термините, имајќи предвид дека употребата на зборот „северномакедонски” многу често се користи во светските медиуми, па и од страна на некои влади.

Дали реакциите на МНР изостанале или се нередовни или пак недоволни па мораше да се вклучи и Агенцијата?

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ