
Според него, во изминатите месеци е направен суштински прогрес и сега е моментот за преминување кон следната фаза во процесот за интегрирање во Европската Унија. Говорејќи за неговите очекувања во јуни да се тргне бугарското вето за почеток на преговори на Македонија со ЕУ, вели и дека билатералните прашања треба темелно да се дискутираат и решаваат меѓу државите, но тоа треба да се направи на билатерално ниво и не треба да се влече на сцената на ЕУ.
„Билатералните прашања и проширувањето не треба да се мешаат. И да не ја заборавиме основачката идеја на ЕУ-да се надмине војната и да се создаде просперитет преку соработка“, рече Шаленберг, кој денеска на Денот на Европа пристигнува во посета на земјава.
Во врска со преговарачката рамка и што таа би содржела, Шаленберг нагласува дека со оглед на тоа што билатералните прашања не се дел од ЕУ легислативата, тешко е да се вклучат такви референци. Тој уште вели и дека проширувањето не смее да биде легалистички, бирократски процес, туку геостратешки инструмент.
„Во моментов, имаме бирократски пристап во однос на процесот на проширувањето, кој не нѐ доведе до значителен напредок изминатите години“, вели Шаленберг.
Според него, доколку ЕУ не дејствува брзо во однос на нејзините ветувања кон регионот, тој ќе се сврти за поддршка на друга страна.
„Не постои вакуум во светската политика или е европскиот модел или некој друг модел“, вели Шаленберг.






