понеделник, 8 декември 2025

Пендаровски: Одлуката за втор мандат ќе ја донесам во февруари

Од личниот рејтинг и од рејтингот на потенцијалните политички поддржувачи, т.е. партиите кои би му дале поддршка, ќе зависи одлуката на претседателот на државата Стево Пендаровски дали ќе се кандидира за втор мандат за претседателските избори напролет.  Одлуката се очекува да ја соопшти на крајот на јануари или почетокот на февруари, најверојатно пред објавувањето на кандидатот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ закажано за конвенција на 2 март.

Објавено на

часот

Сподели

Според Пендаровски, потребна е поддршка од партија затоа што, рече, „независен кандидат никогаш во историјата на Македонија не победил“ исто како што „многу тешко може да победи и чисто партиски кандидат“.

„Ако постојат потентни политички  партии, секако не на ниво како во 2019 зашто тоа е невозможно, но партии кои ќе сакаат да ми ја дадат поддршката и ако тука може да се направи комбинација меѓу она што значи граѓанска Македонија и партиска Македонија, мислам дека шансите се сериозни… Може во втор круг да влезете, но за да бидете претседател треба нешто надвор од партиските електорати и партиските гласачи, нешто што се нарекува граѓанска сцена, граѓани кои не се поврзани со политички партии, кои не гласаат на секои избори, па треба да ги мотивираш баш за тебе да излезат и да гласаат. Тоа кај нас станува сè потешко и потешко затоа што мотивацијата кај луѓето со годините се намалува зашто секоја сукцесивна политичка гарнитура, за жал, не го испорачува она што го ветува“, рече Пендаровски вечерва во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5. 

Тој соопшти дека со лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски засега нема разговарано на таа тема, но се очекува тоа да биде на дневен ред по Нова година. Редовни средби, рече, има со претседателот на Владата и со лидери на парламентарни партии на кои разговараат за тековни политички прашања, но не и за кандидатурите. 

За СДСМ посочи дека нивните внатрешнопартиски процедури се на самиот почеток.

„Практично се најавени само роковите да ги решат за таа постапка. Нема уште рок од – до да се пријавуваат членови на партија и, се разбира, оние кои не се членови на партија. Мислам дека тоа ќе почне сигурно за месец и половина од сега“, рече Пендаровски.

На прашањето дали ако биде претседателски кандидат е подготвен за повторен дуел со Гордана Силјанова-Давкова, како и на изборите пред пет години, одговори дека „сосема е небитно кој ќе биде на другата страна доколку се погоди комбинацијата“ т.е. неговиот личен рејтинг и рејтингот на партијата што ќе застане зад него. 

Во однос на парламентарните избори, рече дека Талат Џафери треба да поднесе оставка пред 28 јануари за техничката влада да може да почне да функционира од тој датум и очекува рокот да се запази за што „постои прецизен политички договор меѓу двете најголеми партии“. 

За него не е спорно, рече, да му даде мандат на Џафери зашто тоа е меѓупартиски договор меѓу власта и опозицијата. 

Во врска со некои изјави од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека би влегле, но не би гласале за таа влада предводена од Џафери, Пендаровски рече „ако сакаш да бидеш дел од таа техничка влада, гласај за таа техничка влада“. 

За одликата на ЕУ за отворање на преговори за членство на Украина и Молдавија Пендаровски вели дека во целиот регион и кај нас се создава перцепција дека Европската Унија нè мами.

„Како да им се објасни на македонските граѓани дека за пристапувањето во ЕУ се оценува според т.н. мерит систем, односно напредуваш ако ги исполниш критериумите, кога тоа не се случува. Велат тие што заслужуваат напредуваат, ама се гледа дека не напредуваат. Ние сменивме име на државата, клучните европски лидери во 2018 преку видеопораки велеа – уште ова и почнувате преговори. Во меѓувреме имаше уште три-четири услови кои немаа врска со Бугарија, новата методологија што ја предложи Франција, чекавме германскиот Бундестаг осум месеци да го види и да каже да, истакна Пендаровски.

За празното столче на унгарскиот премиер Виктор Орбан кога се одлучуваше за Украина и зошто тоа не можело да биде направено и со бугарскиот претседател Румен Радев кога се решавало за нас, шефот на државата рече дека европските лидери тоа тогаш не сакале да го направат.  Сила Бога не моли, а ние сме мала земја, кажа Пендаровски.

Во врска со бугарските барања, одбивањето на опозицијата да прифати уставни измени и тврдењата дека е можна нова преговарачка рамка со ЕУ и гаранции од Софија дека ќе нема нови блокади, Пендаровски вели таквите изјави се даваат од политикантски причини. Според него, внесувањето на Бугарите во Уставот е единствен услов за продолжување на преговорите со ЕУ.

„Од сите грозни предлози на Бугарија контра македонскиот идентитет, остана само ставање на Бугарите во Уставот. Тие што тврдат дека ќе има нова преговарачка рамка или гаранции дека ќе нема нови блокади, тоа го говорат од политикантски причини. Барањата на Бугарија беа анахрони и надвор од реалноста. Софија не се откажала од тој наратив, но ги потроши своите кредити и од Брисел им кажаа – заборавете на другите барања, само Бугари во Устав. Ние ќе станеме членка не ЕУ тогаш кога тоа ќе го одобрат големите сили. Но, кога ќе станеме членки сигурно нема да го преземеме бугарскиот историски наратив како наша историја. Тоа не е предуслов“, изјави претседателот Стево Пендаровски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ