„На средбата со косовската претседателка разговаравме и за можиостите за унапредување на правата на Македонците во Косово, во време кога, за жал, некои странски пропаганди се повторно активирани. Во таа насока, наша заедничка цел е зближување на граѓаните од двете страни на границата и олеснување и интензивирање на прекуграничната соработка“, рече Пендаровски и потсети дека со косовската претстедателка имаат четири официјални средби досега, а од последната поминало година и пол.
„Разменивме мислења и информации за актуелните теми од билатералните односи, за состојбите внатре во двете земји, за нашата актуелна и идна економска соработка, како и за регионалните прашања и европските интеграции, кои, за жал, се одвиваат под притисок на негативните ефекти од руската инвазија врз Украина. За време на разговорите, го потенциравме позитивниот тренд во билатералните односи и заеднички ги поздравивме контактите на владино ниво, помеѓу различните министерства на двете држави. Меѓусебната соработка во различни сегменти е во корист на нашите граѓани и треба и мора да продолжи со уште поголем интензитет во наредниот период“, рече Пендаровски.
Косово, со 482 милиони трговска размена, е меѓу дваесетте земји со кои Македонија најмногу тргува, рече македонскиот претседател.
Неизбежна тема, се разбира, нагласи Пендаровски, беа и односите на Косово со Србија, при што го реафирмирав нашиот став по ова прашање, а тоа е дека го поздравуваме постигнатиот договор за прифаќање на предлогот на Европската Унија за нормализирање на односите меѓу Kосово и Србија, чија што имплементација ќе придонесе за мирот, стабилноста, безбедноста и развојот, не само на нашите соседи, туку и на регионот во целина.
„Во оваа прилика сакам посебно да се заблагодарам на согласноста и на Белград и на Приштина за одржувањето во нашата држава на една важна сесија од нивниот дијалог, што само ја потврди принципиелната политика која ја водиме и која во изминативе години преку компромисите кои ги направивме ја засили внатрешната кохезија на македонското мултиетничко општество, придонесе за регионалната стабилност и ја врати земјата во виталните институции на западната алијанса по долги години самонаметната изолација.
Дополнително, сакам да порачам дека сме подготвени и во својство нa актуелни претседавачи со ОБСЕ да го помогнеме овој процес, особено во фазата на имплементација на одредени делови од постигнатиот договор, се разбира, во согласност со двете инволвирани страни“, рече македонскиот претседател.
Претседателката на Косово, Османи Садриу истакна дека нејзината држава и Македонија ќе продолжат да чекорат рамо до рамо по европскиот пат.
„Косово и Северна Македонија ја зголемија соработката и ние ќе го продолжиме ова патување на продлабочување на односите во многу области од образованието и културата до здравството и економијата, надворешната политика и одбраната. Нема поле каде што не сме работеле и каде што нема да работиме, бидејќи она што не обединува се вредностите и визијата. Но, пред сѐ, ни нудат наши луѓе кои служат како пример за одлични односи меѓу соседите“, рече Вјоса Османи-Садриу.






