„Не само што ги поврзуваме градовите и регионите, туку ја поврзуваме и државата со околните земји и светот преку модерна инфраструктура која ќе привлече многу странски туристи и инвеститори. Прв пат по 30 години преку модерна инфраструктура се поврзуваме со Исток и Запад, со нови пристаништа во Драч и во Бургаз и ги зајакануваме транспротните врски во регионот. Проектот е траен влог и наследство за следните генерации“, рече Ковачевски и додаде дека изградбата на коридорите 8 и 10д значи нови 8.000 работни места, нови инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на БДП од два отсто во наредните пет години на годишно ниво.
Тој истакна дека се отвораат можности за нови бизниси, за изградба на објекти од различни дејности и со тоа дополнителни нови работни места. Коридорите 8 и 10д досега беа само на хартија.
„Овие проекти се од национален и стратешки интерес, а придобивки ќе имаат граѓаните, економијата и државите што ги поврзува овој коридор“, рече премиерот.
Според него, изведбата на делницата заедно со автопатите од Коридорот 8 се најголемата капитална инвестиција во земјава што ќе биде пресвртница во развојот на државата, а Македонија од кружен тек ќе стане вистинска крстосница на Балканот.
На настанот се присутни и првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, директорот на Јавно претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, в.д. амбасадорот на САД Ерик Мајер, амбасадорот на Турција Хасан Мехмет Секизќок, како и претседателот на „Бехтел и Енка“ за Европа, Африка и Блискиот Исток Џастин Сиберел.
Според министерот Бочварски, од денеска изведувачот ги почнува подготвителните работи и геотехничките истраги на терен и во наредниот период, како што рече, ќе бидеме сведоци на огромно градилиште по целата траса на овој патен правец. Ова е можност, истакна Бочварски, за ангажирање на домашната градежна оператива, што значи нови вработувања и посебно развој на градежната дејност.
Првиот вицепремиер Артан Груби денеска порача дека е дојден крајот на заложништвото на иднината на граѓаните и на блокадата на европското интегрирање на државата.
„Подгответе се и качете се сите на овој воз што вози кон Брисел и кој никој нема да го запре“, апелира Груби.
„Фактот дека сите министри и апсолутното мнозинство на пратениците стојат зад овој проект, е најголема гаранција за сите граѓани дека ниту Мицкоски, ниту Свети Мицко ќе може да го запре овој прект. Овој проект продолжува и сите влади, а следната ќе биде истата како денес, ќе го заврши овој проект и ќе ги пресече лентите. Тоа што го гледате денес во Собранието и тоа што пред една недела го направи Владата на седница, е порака дека е дојден крајот на заложништвото на Собранието, на проектите и на иднината на граѓаните и на Северна Македонија. Оваа владина коалиција и ова парламентарно мнозинство, од минатиот петок демонстрира што значи да се стави крај на апсолутната блокада и заложништво на иднината на граѓаните. Тоа нема да се толерира и се демонстрира дека е дојден крај“, рече Груби.
„Нема подобар момент да се собереме, сите пријатели на Северна Македонија, нашите партнери – земјите членки од ЕУ и заеднички да го означиме најголемиот инфраструктурен проект во новата историја на земјата кој се реализира овде во Пелагонискиот регион. Знам колку оваа автопатска делница е приоритетна за Прилеп, за Крушево, за Битола, Могила, Новаци, Ресен и за сите останати од Пелагонија кои живеат или транзитираат од тука. И ова е силна порака од Владата до сите граѓани и стопанствници од регионот. Веќе не зборуваме за програмски ветувања, зборуваме за старт на најголемиот капитален проект во Пелагонскиот регион“, подвлече министерот.
Се работи за една од четирите делници кои ги предвидува Договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. За останатите три автопатски делници на Коридорот 8 свеченоста се одржа минатиот месец.






