Јас и премиерот на Албанција сме согласни дека нашите две држави нема да отстапат од европските интеграции, а Берлиснкиот процес е исклучително важен заради можноста за инвестирање и општо за животот на граѓаните и развој на општествата, рече премиерот Димитар Ковачевски на почетокот од заедничката прес-конференција со премиерот на Албанија Еди Рама кој се наоѓа во официјална посета на Македонија.
Најважно за граѓаните секако е владеењето на правото и нивото на нивниот стандард, на кои планови со Албанија се трудевме да направиме многу и тоа е многу важно и за иницијативата Отворен Балкан од која грашаните, рече премиерот Ковачевски, очекуваат уште многу придобивки.
„Важно за мене е дека Отворен Балкан покажа дека може да се зголеми значлително обемот на трговијата меѓу нашите држави. На просторот на ЈИЕ има 72 различни иницијативи и драго ми е дека во рамии на Берлинскиот процес иницијативата Отворен Балкан се покажа како многу добра“, рече Ковачевски.
Тој се пофали дека од „заробена држава“ Македонија стана извозник на стабилност и членка на НАТО.
„Повикуваме на деескалација на состојбите во Косово“, рече Ковачевски нагласувајќи дека тоа го порачува како сосед на Косово и на Албанија и ги повика политичарите да носат храбри одлуки.

Во тој контекст тој ја нагласи, како што рече, потребата од храбра одлука во Македонија со носење на уставните измени за што, како што оцени, има во земјава партии кои не ѝ посакуваат добро на државата во поглед на стратегиската цел членство во ЕУ.
Ковачевски рече дека иконите што од Македонија исчезнаа во 2013 година ќе бидат вратени во земјава со помош на Владата на Албанција.
„Нема поголема потврда за поддршката кога се враќа дел од македонската традиција“, рече Ковачевски.
Премиерот на Албанија Еди Рама во својот воведен дел од прес-конференција истакна дека разговорите во македонската Влада биле многу конструктивни и дека се потврда не за начелна, туку за суштинска согласност околу бројни прашања.
„И Европа има потреба да биде покомпактна, а тоа може да биде реалност со нашите држави“, рече Рама потсетувајќи на европските интеграции низ кои заедно Албанија и Македонија минувале во изминатите неколку години и за кое време, извесен период, биле третирани како трети земји па и вакцините против ковид-19 двете држави ги добија подоцна од земјите членки.

Таа состојба се подобри, рече Рама и сега нашите земји не сме така третирани.
„Добрата вест е дека Европската комисија работи во таа насока и во Тирана ќе имаме состанок на кој сте и вие како држава поканети. Ние треба да дадеме придонес кон потребата од ЕУ да бидеме рамноправна членка. Албанија, Македонија и Црна Гора се членки на НАТО во еден регион кој не е спокоен и во рамки на кој и тоа како имаме потреба од разбирање, комуникација и меѓусебна соработка и со земјите од регионот кои не се членки на НАТО“, рече Рама заблагодарувајќи се што Македонија ја подготви оваа посета за кусо време.
Во рамки на новинарските прашања, Рама одговараше зошто косовскиот премиер Албин Курти одбил да се сретне со него, како и Биљал Касами, градоначалникот на Тетово.
„Касами? Биљали? Биљал. А, да, да, градоначалникот на Тетово. Како може да одбие средба кога не сум побарал средба со него или пак можеби претходно одбил сметајќи дека ќе сакам да имам состоанок со него. Можеби е тоа превентивно одбивање“, рече Рама додавајќи дека Касами е „добар дечко“ и добар градоначалниик.
За изјавата на Курти дека нема да се сретне со Рама, тој рече дека гостин не се брка од домот:
„Се надевам дека Албин не заборавил на канонот дека на било кој да ти дојде дома, му се отвора врата и забрането е да го извадите од домот“.
А за иницијативата Отворен Балкан запрашан од новинар Албанец зошто толку ја поддржувал кога косовски и албански политичари биле против поради добро познати регионални причини, Рама рече:
„Илјада пати да се вратам назад илјада пати ќе бидам основач на Отворен Балкан. Нема ништо лошо во таа иницијатива, има само придобивки“.
Потоа, повторно запрашан со потсетување дека во просторот на Отворен Балкан имало и крвопролевање и дека Косово беше против иницијативата, Рама нагласи:
„Тоа е една од седумдесетте иницијативи под чадорот на Берлинскиот процес и не можам да ве разберам зошто сте против и зошто се уште се зборува и албански размислувате за некогашните крвопролевања на овој простор па затоа да се било против Отворен Балкан. Патриот е тој што ја сака својата земја и не ѝ посакува зло на друга земја“.
На прашање од косовски новинар дали се очекува и Црна Гора да се приклучи на Отворен Балкан.
„Сакам Отворен Балкан да се стави по страна од Балканскиот процес, но ќе речам дека кој не бил приклучен кон таа иницијатива погрешил“, рече Рама.

Ковачевски се надоврза па рече дека Отворен Балкан не е спротивставена иницијатива на Берлинскиот процес и додаде дека за нејзината оправданост зборуваат позитивните резултати на економски, трговски, туристички и политички план.
„Македонија, Албанија и Србија во Италија го имавме најголемиот штанд на најголемиот саем на виното во светот“, илустрираше Ковачевски и додаде дека трите земји се втор регионален извозник на вино. “Тоа е тоа што бизнисот го очекува. Граѓаните добија слободно движење со лични карти и признавање на дипломи и професии. Берлнскиот процес е поширока иницијатива и конечно се потпишани три договори што говори за наше значително учество во тој процес“, рече премиерот Ковачевски.
На кусото новинарско прашање за двајцата премиери дали Отворен Балкан е завршена приказна беа дадени следните одговори?
„Не е завршена приказната. Имаме многу позитивни резултати. Отворен Балкан се залага за истите вредности како и ЕУ“, одговори Ковачевски.
„Ќе повторам, не е моја вина ако ова прашање го гледате како прашање на живот и смрт. Отворен Балкан е една од 70 –тината иницијативи. Отворен Балкан донесе фантастични придобивки. Освен тоа што го спомена Димитар, ние ќе ја завршиме работата околу царината на Кафасан за брз проток на луѓе и стоки со едно запирање. Отворен Балкан ќе продолжи да функционира. Но ние мора да го поддржиме и вратиме Берлинскиот процес во функционалност. Тој процес не запре заради Отворен Балкан и ќе му дадеме нов поттик и со големите држави како Германија треба да го оживееме. Животот е убав зашто секој може да ја пее својата песна“, рече Рама.
П.Џ.
Фото: Роберт Атанасовски






