среда, 18 март 2026

Османи во НАТО: Алијансата е единствена и за зачувување на сигурноста и во осуда на руската агресија врз Украина

Објавено на

часот

Сподели

На состанокот на кој учествуваше и министерот Бујар Османи беше кажано дека ваквиот неоправдан чекор претставува директен чин на агресија, силна повреда на меѓународното право, како и сериозен удар на демократските принципи врз кои се темели светскиот безбедносен поредок. 

Како што соопшти МНР, министрите за надворешни работи изразиле цврста поддршка за политичката независност на Украина, нејзиниот суверенитет и територијален интегритет, во рамки на меѓународно признатите граници.

„Денес упативме силна порака за единството на Алијансата и заедничката определба за зачувување на евроатлантската сигурност. Обединети сме во нашата осуда на руската воена агресија и пораката за неодложно запирање на воените дејствија, кои нанесуваат ненадоместлива загуба на човечки животи и имаат далекусежни последици за економијата, мирот и просперитетот на целиот свет. Одлучни сме во нашата поддршка за Украина и солидарност со украинскиот народ, чија храброст и решителност за изнаоѓање мирно решение е достојно за почит“, истакнал Османи.

Османи, во своето обраќање информирал и за воведените санкции и рестриктивни мерки кон кои се придружи земјава, како одговор на руската агресија, а ја истакнал и обезбедената помош за Украина, како дополнителен израз на солидарност со украинските граѓани.

Исто така, тој ја нагласил и важноста од забрзување на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан, што е особено значајно и за регионалната стабилност. Консолидираниот пристап на НАТО и ЕУ е најдобрата алатка за надминување на безбедносните предизвици и зачувувањето на демократските процеси во нашите простори.

„Оваа криза покажа дека проширувањето на ЕУ е првенствено безбедносна политика и затоа ЕУ треба да биде проактивна во Западен Балкан, да го забрза своето проширување во интерес на нашата заедничка стабилност и да го затвори вакуумот за интервенции“, порачал Османи.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ