среда, 17 декември 2025

Османи: Со Бугарија треба да знаеме на што сме, не може повеќе вака

Објавено на

часот

Сподели

Османи смета дека се должни да не ги изложат граѓаните на такви, како што кажа, бесконечни фрустрации и разочарувања и дека ќе треба еден ден да се стави црта, односно да се каже дека е доста.

„Ние не можеме да имаме ваков пристап во којшто владите ќе бидат тематски, ќе се занимаваат само со едно прашање и со една надеж. Ќе мора да се фокусираме внатре, да продолжиме внатре со реформите, со европеизација на државата, меѓутоа нема да може да има енергија понатаму да се продолжи како што беше до сега. И тоа им го кажуваме и на Бугарија дека сега има еден прозорец на можности и можеби последна шанса да се спаси тоа што го изградивме во претходните месеци и да почне едно ново поглавје на позитивни односи меѓу нашите држави, но и до ЕУ дека ќе мора да кажат што понатаму“, нагласи Османи.

Тој посочи дека комуникацијата продолжува со Република Бугарија, но и со француското претседателство кое е одговорно во овие шест месеци да го менаџира, да го координира процесот. Османи се надева дека наредните недели ќе има можност да има конкретен дијалог и конкретни чекори.

Според Османи, Скопје направи сѐ што можеше да се направи, но и тоа што не можеше да се направи.

„Мислам дека е доста веќе. До јуни, да не се врзам со месеци, до лето мислам дека треба да продолжиме со максимални напори како ова да успее. Семтам дека е важно и опозицијата да го сфати моментот. Да продолжиме конструктивно додека не се исцрпи оваа можност и после тоа да излеземе и отворено пред граѓаните, и отворено пред ЕУ, и отворено пред Република Бугарија дека не можеме граѓаните повеќе да ги малтретираме и да ги изложиме на ваков процес на циклични очекувања и разочарувања притоа исполнувајќи ги сите услови. Треба да знаеме на што сме, не може повеќе вака“, нагласи Османи.

Тој смета дека посебно последните месеци многу ги зближивме позициите, што ќе биде историска штета ако не се успее, зошто никогаш, како што кажа, нема да бидеме во подобра позиција за надминување на овие разлики.

Тој нагласи и дека договорот за добрососедство со Бугарија никој не смее да го стави под знак прашање. Бугарија, вели тој, секогаш ќе биде наш сосед, сојузник во НАТО и секогаш ќе биде важно да имаме добри соседски односи со нив.

Во однос на вклучувањето на САД во односите со Република Бугарија, Османи вели дека САД се навистина силно заинтересирани овој процес да успее и европското консолидирање на регионот да продолжи, но и дека нема конкретен процес во кој САД се посредници во односите меѓу двете земји. Тие односи, вели Османи,се одвиваат на билатерална основа.

Османи додаде оти се надева дека на крај на мај ќе се одржи втората меѓувладина конференција со Бугарија.

Денешната прес-конференција беше посветена на претстојниот стратешки дијалог меѓу Македонија и САД што ќе се одржи на 2 јуни, во Вашингтон, што, според Османи е голем дипломатски успех, но и важен дел од исполнување на нашите стратешки интереси во согласност со евро-атлантскиот курс на земјава.

„Стратешкиот дијалог меѓу Република Северна Македонија и САД претставува потврда за ова силното сојузништво меѓу двете земји и во исто време значаен форум кој ќе обезбеди надградување на стратешкото партнерството, зајакнување на соработката, и на некој начин подигнување на билатералните односи на едно повисоко ниво. Тоа ќе значи врамување на билатерална соработка во една правилна институционална форма, предводена од дипломатиите на двете земји, која на среден и на долг рок сигурно ќе придонесе во зајакнување и продлабочување на соработка во поширок број области”, истакна Османи

Со стратешкиот дијалог ќе бидат опфатени теми од билатералните односи, но и оние кои се од значаен глобален интерес. Во фокусот ќе бидат прашања од областа на одбраната и економската соработка, трговијата и инвестициите, но ќе се опфатат и прашањата од доменот на образованието, транспортот, енергетиката, климатските промени, демократскиот развој, борба против корупција, владеењето на правото итн.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ