Во гостување на ТВ Алсат, Османи кажа дека во случај на конфликт во Европа, ќе имаме импликации во однос на гасот и нафтата и поскапување на цените.
„Руско-украинскиот конфликт ќе влијае на импликацијата на гасот и нафтата и во Европа ќе има зголемување на цените. Исто така, сакам да додадам дека ние како држава сме дел од санкциите на ЕУ кон Русија и 100% сме во хармонизација со Европската Унија“, рече Османи.
Инаку, ЕУ вчера попладне едногласно донесе одлука за санкции против Русија по завчерашната одлука на Москва да ја признае независноста на двата региона во источна Украина, Донецк и Луганск. Се воведуваат санкции против 351 член на руската Дума и 27 физички и правни лица кои придонеле за загрозување на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина, вклучувајќи ги и руски банки кои финансирале руска војска и други операции на тие територии.
Санкции претходно објави и Велика Британија, како и Германија која соопшти дека го стопира гасоводот „Северен ток 2“.
И американскиот претседател Џо Бајден најави санкции за двете најголеми руски финансиски институции – ВЕБ и Руската воена банка, но и за руската елита и членови на нивните семејства, а кажа и дека „делови од руската економија ќе бидат отсечени од меѓународните финансиски систем“. Санкции денеска најавија и Јапонија и Австралија.






