недела, 21 декември 2025

Османи на Форумот Делфи: Историски времиња за храбри одлуки, ЕУ да ги почне преговорите со Скопје и Тирана

Објавено на

часот

Сподели

„Се надевам дека Европската Унија ќе ја разбере важноста на моментумот и ќе преземе стратешко лидерство за Западниот Балкан, како што го стори тоа во 2000 година кога презеде стратешко лидерство за источноевропските земји и мислам дека руската агресија покажа, за жал на најтрагичен начин, колку беше важна таа одлука на ЕУ за интегрирање на централноевропските и источноевропските земји“, рече Османи.

Шефот на дипломатија, заедно со неговите колеги од Словачка и Косово, Иван Корчок и Доника Гервала-Шварц, дискутираа за „Европа после Украина“, односно за импликациите на војната, а со оглед на тоа што Османи на Форумот во Делфи дојде директно по посетата со тројката од ОБСЕ на полско-украинската граница, го сподели искуството, детално ја објасни ситуацијата и ја истакна потребата за итна акција.

„Она што го видов вчера е длабоко вознемирувачко. Вчерашните слики се одраз на нешто што е длабоко неморално, спротивно на универзалните вредности на човештвото. Треба решително да се спротивставиме на ова што се случува и да го спречиме и намалиме човечкото страдање“, истакна Османи, додавајќи дека намерата на посетата била да се испрати порака на поддршка и „Русија да ја запре неоправданата и неиспровоцирана војна“.

За ставот на Македонија за руската инвазија во Украина рече дека се приклучивме на санкциите на ЕУ кон Русија и испративме воена и хуманитарна помош, но и ги отворивме границите за украински бегалци.

„Регионот се движи во правилна насока во однос на оваа агресија“, вели Османи.

Дополнително, тој посочи дека во регионот постои „тројка од земји кандидати за членки на ЕУ“ кои се целосно подготвени за почеток на пристапни преговори.

Имајќи ги во предвид геополитичките импликации на војната во Украина, Османи истакна дека ова се историски времиња кои бараат храбри и навремени одлуки и апелираше до ЕУ итно да ги започне преговорите со Северна Македонија и Албанија, за време на француското претседателство.

„Малку е потребно за топката да се фрли во вистинската насока и да се постигне заедничка победа за сите актери кои се дел од процесот, Северна Македонија, Бугарија, регионот на Западен Балкан и ЕУ во целина. Интеграцијата на Западниот Балкан е геостратешка инвестиција во европската безбедност“, рече Османи.

Како што информира МНР, на маргините на Форумот, предвидено е Османи денеска да оствари повеќе билатерални средби со шефови на дипломатии и други истакнати политички личности, меѓу кои и со неговиот грчки колега Никос Дендиас.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ