вторник, 10 март 2026

Опозицијата ја блокира работата на Комисијата за политички систем

Објавено на

часот

Сподели

Дафина Стојаноска, заменик координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, во процедурална забелешка рече дека дневниот ред на 33. седница на Комисијата не е усвоен и оти денешниот ден не може да се брои како работен и на тој начин да останат уште два дена за читање на законот.

„Ова се процедурални забелешки пред да биде усвоен дневниот ред. Ако биде поинаку, можно е да поднесеме интерпелација за вашата работа“, и рече Стојаноска на претседателката на комисијата Соња Мираковска.

Претходно, пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова во процедурална забелешка рече дека една од забелешките на Европската комисија е тоа што законите кај нас се носат по скратена постапка и посочи оти во европските парламенти, скратената постапка е редок феномен.

„Скратена постапка не е европско правило, напротив во Европа законите се носат во редовна постапка, во инклузивна процедура во која учествуваат сите засегнати. Но, ние си продолжуваме по старо. Кога е во прашање овој закон за Академија за судии и обвинители, апсолутно нема ниту една причина за скратена постапка. ЕУ, дури и во однос на членките, нема директна надлежност во правосудниот систем и европските стандарди нема да ги пронајдете во поглавјето 23 како барања кои треба да се исполнат во процесот на европеизација. Има препораки, меѓутоа нема да најдете директива. Не постои единствен европски модел на регрутирање на кадри за судии и јавни обвинители, туку постојат препораки на добри практики“, рече Силјановска Давкова.

Таа забележа дека наместо да се заострат критериумите за судии и обвинители, кај нас се олабавуваат.

„Тоа е така за да може на мала врата да влезат кандидати кои не треба да бидат таму“, рече Силјановска Давкова.

Таа посочи дека изготвувањето на законот треба да се одвива во координација со Министерството за финансии, да се вклучат претставници од стручната фела и да се стави крај на политичкото влијание во процесот на селекцијата на кандидатите, бидејќи, како што посочи, партиското влијание доведува до несигурност и нестабилност на правниот поредок и во старт има профил кој не се регрутира според заслуги и квалитет.

Претседателката на комисијата Соња Мираковска и забележа на Силјановска Давкова дека во нејзината процедурална забелешка навлегла и во материјална расправа за законот. Во однос на забелешката дека законот се носи по скратена постапка со европско знаме, Мираковска рече дека тоа не е точно и оти законот се носи во редовна постапка со знамето на ЕУ.

„Кога зборуваме за Деловникот донесен во 2008 година, има еден член 60 во кој се вели дека претседателот на Собранието се грижи за Деловникот и неговата примена за што може да побара мислење од Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, тоа значи дека претседателот одлучува во која процедура и каде ќе биде упатен законот, дали ќе го врати законот“, рече Мираковска, која посочи дека Деловникот може да биде изменет во процесот „Жан Моне”.

Таа повтори дека претседателот на Собрание одлучува кој закон во која комисија ќе биде упатен.

Силјановска побара да се тргне европското знаме од законот и тој да се носи во редовна постапка.

Седницата треба да продолжи по еден час пауза, по 18:30 часот. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ