Одговарајќи на новинарски прашања по посетата на компанијата „Витаминка“ во Прилеп, Ковачевски кажа дека соработката со Бугарија е унапредена, особено по доаѓањето на двете нови влади и воспоставувањето нов начин на комуникација. Според него, секогаш постојат поединци кои сакаат тие односи да ги направат полоши, но македонската и бугарската влада се против тоа и сметаат дека треба да се соработува на сите полиња и во секоја сфера.
„Со Бугарија отворивме нов процес на разговори, нов начин на комуникација кој треба да ја зголеми довербата не само меѓу министрите, туку и меѓу општествата во целина. Се формираа работни групи кои веќе покажуваат резултати, се одржаа и научни конференции меѓу универзитетите, стопанските комори се среќаваат, а се зголемија и транспортните квоти. Соработката е унапредена во однос на периодот претходно. Односите се унапредени, официјалното ниво на комуникација е унапредено и е на ниво на европските вредности. Секогаш постојат поединци кои сакаат тие односи да ги направат полоши, но ние и бугарската влада сме против тоа. Треба да соработуваме на сите полиња“, рече Ковачевски и потсети дека Бугарија помогна при евакуирањето на македонските државјани од Украина.
Според него, токму руската агресија врз Украина покажа дека Европа треба да биде обединета и силна, а тоа мора најпрво да се направи меѓу соседните земји.






