Од 50-тината македонски граѓани кои се останати во Украина, 20-тина се во Киев, а 20-тина во други градови низ Украина. Меѓу нив е и едно семејство со 5-дневно бебе во Харков каде што се одвиваат најголемите дејствија во моментот.
„Ние сме во постојана комуникација со нив. Тие реално не можеле да одговорат на нашиот повик за да ја напуштат Украина затоа што чекале термин за породување којшто се случил неколку дена пред руската инвазија. Продолжуваме со активностите. Околностите се менуваат континуирано на терен. Нашите очекувања се дека ќе се влошат околностите уште повеќе, меѓутоа мораме во такви околности да најдеме начини да ги евакуираме нашите граѓани и тоа е наш прв и најважен приоритет секој од нив да го извлечеме, меѓутоа безбедно“, информира Османи.
Тој очекува денеска да ги извлечат и останатите монитори во специјалната мисија на ОБСЕ монитори, откако претходно се извлечени 15.
Како што информираше Османи, од македонските граѓани кои досега ја напуштиле Украина 20 заминале по повикот од МНР пред да започне војната, а 30 откако започнаа воените дејства. 15 од нив се извлечени во партнерска соработка со други држави, пред се со Бугарија и тоа шестмина од нив од Одеса, преку бугарскиот Генерален конзулат, а 10 од Киев кои заминале со бугарскиот конвој заедно со 200 бугарски граѓани. Инаку, Бугарија, Романија, Молдавија, Полска, балтичките држави се земјите кои преку нивните претставници во Украина можат да им помогнат на останатите затечени Македонци.
Во Министерството за надворешни работи, како заглавени во Украина се јавиле и двајца возачи на транспортни камиони. Тие се на границата со Полска, а украинските власти не дозволуваат државата да ја напуштат земјата бидејќи превезуваат руска стока.
„Комуницирав со амбасадата, го информирав министерот. Во Украина е воена состојба. Таков е нивниот став по однос на руските продукти. Правиме напори за да ги ослободиме камионите за да влезат во Полска. Возачите се на безбедно. Можат само сами да ја напуштат државата, но не и со камионите. Тие се во камионите сега. Се обиде нашиот амбасадор од Варшава да ги извлече, отиде на границата, но Украинците имаат други проблеми, не ги пуштаат“, изјави Османи.






