
„Доколку се работи за вистинити наводи во медиумите, да се постапи кон санкционирање на тие што тоа го сториле. Не знам точно кои институции имаат договори со тие фирми или фирма. Меѓутоа, тие договори нормално треба да бидат прекинати. Сторителите, доколку е точно, не знам дали е точно, Обвинителството тоа треба да го испита, да бидат најстрого санкционирани, бидејќи се работи за системи што значат многу во безбедноста на граѓаните“, изјави Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање по денешната заедничка обиколка со министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини и шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир на локацијата во кругот на Охис, каде завршуваат подготвителните активности за отпочнување на процесот на чистење на малата депонија со линдан и неговите изомери.
Случајот со фирмата за монтажа и сервисирање на лифтови го обелодени Државната комисија за спречување корупција. На вчерашната седница членот на Комисијата, Владимир Георгиев кажа дека непостоечка фирма во Скопје, со фалсификувани документи, фалсификувани ИСО сертификати и потписи, конкурирала и во периодот од 2018 до 2022 година добила најверојатно околу 90 тендери за монтажа и сервисирање лифтови, главно од јавни институции, кои давале буџетски средства.
Прашан за одлуката на полициските униформи во иднина покрај на македонски, да стои натпис и на албански јазик, Ковачевски појасни дека тоа е одлука што произлегува од Законот за употреба на јазиците и се работи за Уредба со која се спроведува и извршува Законот за употреба на јазиците.
„Ставен е период до една година затоа што за униформа и за друга опрема што има обележја, потребен е процес на тендерирање и на производство на таа опрема. Затоа е ставен тој период“, рече Ковачевски.






