Според извештајот на Државниот завод за ревизија, се изразува сомнеж во финансиските резултати и извештаи на МЕПСО, оттаму се изразува и сомнеж кон одлуката на Управниот одбор во однос на долгот направен од неколку помали компании кои средства се дефинираат како резервирани. Пари за кои веднаш се извлече заклучок во медиумите дека се отпишани или простени, а станува збор и за неколку фирми некои блиски до поединци во власта, некои и згаснати во меѓувреме.
За што станува збор? Долг бил направен кон МЕПСО во износ од 15 милиони евра кој во текот на минатата година бил намален на околу 14 милиони. Всушност, во време на светска криза и енормно зголемени цени на струјата во втората половина на 2021 година, малите фирми се вратиле кон МЕПСО за да им се дистрибуира струја по пониска цена, поради што, државата морала итно да се приклучи на Европската мрежа и да плати речиси двојно, 25 милиони евра за да купи струја и да ги снабди граѓаните и стопанството. Не само што фирмите кон МЕПСО направиле долг од 14 милиони евра, туку МЕПСО морало да плати 25 милиони евра за да дојде до струја од Европската мрежа за да не се случат рестрикции кон греаѓаните и стопанството.
Од МЕПСО веќе имаше реакција дека не станува збор за отпис на долгови, туку дека тие во февруари минатата година донеле одлука тие средства да бидат резервирани имајќи предвид дека бил проблем навремено да се наплати долот, а со цел да се избегне можноста поради тоа МЕПСО да се соочи со проблеми во работењето.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска запрашан за коментар рече дека треба да се утврди дали се работи можеби за резервирани средства, односно за оставање простор парите да бидат наплатени, но во исто време се огради од пошироки коментари, зашто, како што додаде, МЕПСО е независно во работењето, а државата си има органи кои ќе ја испитаат работата.
„Треба да се провери книговодствениот третман, дали се работи за отписи или за резервации на ненаплатени побарувања. На Управниот одбор на МЕПСО е да определи колкави гаранции ќе бара во делот на обезбедување на балансна енергија или кој било тип на енергија кој што тие го користат. Се работеше за тежок период кога тие долгови беа направени“, рече Ковачевски.
Органите на кои мисли Ковачевски за МКД.мк велат дека се анализира овој случај.
„По службена должност ревизорскиот извештај е доставен во државното Јавно обвинителство и веќе се разгледува“, велат за МКД.мк од обвинителството од каде нагласуваат дека таму ќе биде утврдено дали е потребно да се поведе постапка и кое обвинителство евентуално би било надлежно за постапување. Се разбира, потсетуваат оттаму, може да се постапи и по индиции и по допрен глас.
Орхан Муртезани, кој до неодамна беше директор на МЕПСО, а функцијата ја презеде пред нешто повеќе од една година, всушност и не беше на функција кога долговите биле направени кон државното претпријатие. Но како директор и претседател на Управниот одбор стои и неговиот потпис на, за ревизорите, одлука која остава простор за сомнеж. Муртезани за МКД.мк е категоричен дека не станува збор за простување на долгови.
„Тврдењата дека МЕПСО има отпишано долгови на приватни компнии се неточни и целосно неосновани. Како што јавноста е веќе информирана, со почетокот на енергетската криза, одредени учесници на пазарот не можеа да ги снабдуваат со електрична енергија нивните клиенти и навремено да ги подмират своите обврски према МЕПСО, со што на истите им беа активирани банкарските гаранции, беа тргнати од пазарот и покренати соодветни судски процедури за наплата на долгот.
После изготвување на завршната сметка за 2021 година, имајќи предвид дека стануваше збор за долгови за кои веќе беа покренати судски процедури и не се знаеше дали МЕПСО ќе успее да ги наплати, бидејќи станува збор за фирми со основачки капитал од 5.000 евра, а милионски долгови, истите беа сметководствено резервирани се до нивна наплата. Значи, станува збор за сметководствена операција за која менаџерскиот тим сметаше дека е непходна за да не се доведе до опасност опстанокот и функционирањето на компанијата.
Притоа треба да се појаcни дека остварените, а ненаплатени приходи можеа нереално повеќератно да ја намалат тарифата за пренос, и со тоа да се доведе во прашање опстанокот на компанијата во време на енергетска криза“, изјави Муртезани за МКД.мк
Ревизорите утврдија дека во услови на поскапена струја дел од трговците драстично го намалиле снабдувањето од отворениот пазар, и се преориентирале на балансната поевтина енергија на МЕПСО, поради што преку државното претпријатие се „влечела“ струја од европската мрежа, особено многу во октомври 2021 година по високи цени и се стасало до сумата од 25 милиони евра потрошени пари. Во исто време малите фирми кон МЕПСО создале долг од 15 милиони евра, кој Управниот одбор подоцна го дефинира како резервирирани средства. Во меѓувреме, во текот на минатата година долгот бил намален на околу 14 милиони евра, но некои од должниците згаснале како компании.
Како што произлегува од ревизорскиот извештај, во тоа време во 2021 година и Владата ја следела кризната состојба со струјата на домашниот и европски пазар и имала свои одлуки. Според финансиски експерти, токму една одлука на Владата ја закомпликувала состојбата бидејќи, водејќи се од фактот дека е енергетска криза, за да помогне, драстично ја намали висината на банкарската гаранција за фирмите кои купуваат струја, а со тоа практично се оневозможи евентуални долгови да бидат наплатени. Како и што беше во конкретниот случај, а за што и Муртезани предупреди дека станува збор за мали фирми со ниски банкарски гаранции. А еве каква одлука донесе тогаш Владата што не остана незабележано од ревизорите.
„Имајќи го предвид целокупното влијание кое го предизвикува недостигот на електрична енергија врз економска состојба во државата, во ноември 2021 година Владата донела Уредба со која трговците – БОС биле ослободени од обврската за зголемување на банкарските гаранции по основ на склучените договори за балансна одговорност, а АД МЕПСО Скопје потпишал договори за репрограмирање на нивните доспеани, а ненаплатените долгови. Во декември 2022 година, побарувањата по основ на склучени договори за репрограмирање за повлечена електрична енергија од електропреносниот систем изнесуваат 883.802 илјади денари или над 14 милиони евра, при што во ревизорскиот извештај се укажува дека постои ризик и неизвесност од нивна наплата“, запишаа во Државниот завод за ревизија.
Во февруари 2022 година членовите на Управниот одбор на АД МЕПСО: Ева Шуклева, Борко Алексоски, кои сега се сменети, како и сè уште актуелните членови Билен Саљији, Љупчо Зиков, Сашо Стефановски и Гоце Талевски ја потпишаа одлуката која се однесува на долгот, пари што ги должат приватни трговци со струја, од кои, некои, како што веќе ни изјави Муртезани, биле основани со основачки капитал од само 5 илјади евра.
На веб-страницата на МЕПСО и сега стои на ударна позиција соопштението од Управниот одговор во кое се оценуваат како невистините информациите по медиумите дека државната компанија простила долг од 14 милиони евра. Поради проблеми со наплатата од финансискиот сектор било добиено известување дека долгот ќе биде тешко да се наплати, но сепак, се нагласува, покренати се и судски постапки.
„Од тие причини АД МЕПСО процени дека е потребно да се направи сметководствена операција, резервирање на трошоци за вредносно усогласување на ненаплатени побарувања, што не значи отпис на побарувањата како што се презентира во јавноста, односно. АД МЕПСО ги презел сите мерки за наплата односно за сите БОС-ови кои должат, покрената е судска постапка и нивните жиро сметки се блокирани пред надлежен извршител. АД МЕПСО направи резервација во насока на тоа да искаже пореален финансиски резултат на крајот на годината бидејќи тој резултат има клучно влијание за висината на преносната тарифа која ја утврдува РКЕ врз основа на финансискиот резултат на МЕПСО (висината на приходите и расходите како и добивката). Апликацијата кон РКЕ за преносна тарифа, МЕПСО ја достави во мај 2022 година, а РКЕ одлучи во јуни 2022. Доколку до Регулаторната Комисија за Енергетика не се достават реални финансиски податоци за остварената добивка на компанијата, тоа на крајот ќе влијае на висината на преносната тарифа со која во наредната година треба да работи МЕПСО. Во услови кога беше утврдена ненаплатливост на побарувањата наведени во Извештајот, а имајќи го предвид тајмингот за Апликација за преносна тарифа до регулаторот, АД МЕПСО одлучи да направи резервација.
Уште еднаш нагласуваме дека посочените побарувања се евидентирани во деловните книги на АД МЕПСО и во ниту еден случај не се отпишани“, велат од Управниот одбор на претпријатието.
П.Џ.