вторник, 10 март 2026

Новинарите ја доживуваат професијата како стресна и ризична, потребно е подобрување на работничките права

Објавено на

часот

Сподели

Ова се добиените резултати од истражувањето на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), објавени во публикацијата „Со заедничко дејствување до поголемо почитување на правата на новинарите и на медиумските работници“.

Истражувањето на ССНМ покажува дека новинарите и медиумските работници се наоѓаат во исклучително неповолна социоекономска положба и половина од нив размислуваат да ја напуштат професијата.

Исто така, новинарите и медиумските работници својата професија ја доживуваат како сигурносно ризична и стресна, а дополнителен висок ризик во нивната работа се и психолошкиот замор и стрес.

Нешто повеќе од една третина, односно 37 отсто од испитаниците, потврдиле дека примиле закани при работењето, од кои 36 отсто добиле закани посредно.
Како што се наведува во публикацијата, новинарите и медиумските работници најчесто добиваат закани на социјалните мрежи, а најчести извори на закани се сопствениците на медиуми и уредниците, публиката – читателите, гледачите, бизнис-заедницата, власта и политичарите, како и полицијата.

Главни причини на непријавување на заканите се недовербата во судството, полицијата и обвинителството, а дел од нив и поради чувството на страв и несигурност.

Новите дигитални платформи за јавно информирање, покрај позитивните аспекти, донесоа дополнителни притисоци врз новинарите и медиумските работници, како што се проширување на работното време и изложеност на онлајн-закани и напади.

Речиси една третина од испитаниците повремено добиваат барања за извршување работни задолженија надвор од работното време, а повеќе од една третина потврдиле дека работат над 40 часови неделно.

Во публикацијата исто така се наведува дека родово сензитивниот пристап не е целосно интегриран во работата на редакциите, во голем број медиуми нема внатрешни политики и процедури за вградување на родовата димензија и се потврдува потребата од дополнителни мерки, обуки и едукација на оваа тема.

Според ССНМ, потребни се засилени активности на медиумите – сопствениците/менаџментот, за подобрување на социо-економската положба на новинарите и на медиумските работници, во форма на различни социјални мерки, бенефиции, исплати на прекувремената работа, осигурувања од ризик, како и фондови за подобрување на стандардот на вработените во медиумите.

Особено важно е да се засили поддршката за безбедноста на вработените во медиумите, преку подготовка на информативни материјали, истражувачки студии на поспецифични случаи, тренинзи, обезбедување опрема, како и креирање и спроведување.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ