Бугарските пратеници во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) од ГЕРБ, Георг Георгиев и Деница Сачева реагирале кај претседателот на ЕПП за „тешка повреда на процедурата”. За бугарските медиуми Георгиев и Сачева изјавуваа дека по нивната интервенција Николоски добил суспензија на правото да говори во име на ЕПП, што не е точно.
„Со години Бугарија одбива да ги спроведе пресудите на ЕСЧП. Има 16 пресуди на Судот кои се однесуваат на Македонците во Бугарија, а кои не се спроведени. На Македонците им е забрането да го користат и да го учат нивниот мајчин јазик, им се забранува правото на здружување, како и учество на избори. Овие пресуди мора да се спроведат. Националниот устав и суд не можат да бидат над пресудите од Европскиот суд за човекови права“, рече Николоски на ПССЕ.
Пратениците на ГЕРБ како дел од групата на Европската народна партија (ЕПП) на состанок на групата остро протестирале кај претседателот на политичката група, Александар Почиеј од Полска, но и до пратеникот Александар Николоски затоа што тој како потпретседател на групата на ЕПП зборувал во името на групата на ЕПП и ја критикувал Бугарија. Георгиев и Сачева барале да се каже дека тоа не е став на ЕПП, а за да се изнесе како став на групата потребно е гласање, а потоа изјавиле дека Николовски добил суспензија на правото да говори во име на ЕПП.
Од ЕПП го демантираат тоа што бугарските пратеници го велат. Тие потврдија дека имало реакција и расправија, но никој не зборува за суспензија на правото на обраќање во име на групата. Претседателот на групата не може да му забрани на потпретседателот да зборува во име на групата, велат од ЕПП.
Николоски на тврдењата на неговите бугарски колеги од ЕПП за суспензија на правото на обраќање во име на групата реагираше со изјава дека Бугарите нервозни направиле инцидент во ЕПП што е доказ на нивната хистерија по изјавата дека Советот на Европа мора да ја казни Бугарија и да и воведе санкции за да ја принуди да ги спроведе пресудите на ЕСЧП.