Тој во Стразбур ги спореди случувањата во Украина и Русија со политиката што ја води Бугарија кон Македонија.
„Изминатите два дена, слушам од нашите украински колеги за страдањата со кои се соочуваат. Слушајќи ги овие шокантни сведочења, можам само да направам паралела со судбината и негирањето на македонскиот народ, и вековните спорови со нашите соседи кои биле и се поголеми и помоќни. Со векови нашите соседи ги оспоруваа Македонците како посебна нација, култура и посебен македонски јазик. Ние бевме жртви и протерувани за време на балканските војни и за време на грчката граѓанска војна, и конечно оспорувани во 21-от век. Негирањето на украинскиот јазик и тезата дека украинската нација се творба на Ленин и комунистите е слична со тезата за негирање на македонската нација и јазик и тезата дека Македонците се творба на Тито и комунистичката коминтерна. Оспорувањето и омаловажувањето на двете нации и јазици има многу сличности и симболика, дури се употребуваат и истите зборови. Ова не беше случајно, што дури и големиот филозоф Францис Фукујама, авторот на легендарната „Крајот на историјата и последниот човек“ вели дека има многу сличности во наративите користени против Македонија и Украина и негирањето на Македонците и Украинците“, истакна Николоски.
Николоски синоќа за емисијата „Заспиј ако можеш“ на ТВ Алфа изјави дека во салата биле присутни и грчка делегација, со членови како Јоргос Папандреу и Дора Бакојани, но и бугарската, во која беше и добро познатата за македонската јавност поранешна министерка за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева. Тој изјави дека после неговиот говор добил силен аплауз од сите во салата.






