вторник, 10 март 2026
ИНТЕРВЈУ

Наум Пановски: Борбата за Македонија не се води со кукање и жалопојки на социјалните мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Некако од страна, бочно, и јас бев сведок на дел од тие настани за кои Пановски раскажува во книгата како едно сведоштво за она што сме го имале и сме го изгубиле. Го искористивме неговото присуство тука, во Македонија, за да заеднички прокопаме малку во тоа негово сведоштво. Инаку, Наум Пановски, по тој негов доброволен егзил, веќе повеќе од 25 години живее и работи во САД.       

Во книгата раскажувате многу за југословенската култура, за македонската култура, за некои вредности кои сме ги достигнале како општество, за многу и денеска познати личности како Владимир Милчин, Милчо Манчевски, Мира Фурлан, Ацо Поповски, Дарко Митревски… Каде сме сега?

– Да сосема сте во право, тоа го има во „Чекајќi jа смртта во Ичиќи“ од проста причина што народите живееја заедно испреплетено како плетенка во Југославија. Во тој и таков социјалистички и федеративен општествен поредок, југословенските народи го остварија својот културен, хуманистички и цивилизациски врв… и тоа тешко да се повтори наскоро на овие простори. Вредностите што постоеја и што беа култивирани во таа „зандана на народите“, како што ја нарекуваат оние кои не се ниту дораснати ниту достојни да зборуваат за неа, беа градени со желба за благосостојба на заедницата и по мерка на човекот… Добро, не секогаш со човечко лице, но секогаш со намера да се создаде простор за хуманото во човекот и да се задоволат неговите основни потреби во градењето на заедничката држава. Скромно, одговорено, честито, со мерка, со морални вертикали и рамноправно. Тоа во секој случај беше општество, не секогаш идеално во сѐ, такво не постои, но тоа беше држава во кое што имаше социјална солидарност, работнички прва, бесплатно школување, девет месеци платено породилно, поголема слобода на говорот од оваа што ја има сега, но и каде што немаше слобода за непријателите на слободата, во кое имаше и бунтови против девијациите и неправдите. Но како најважно од сѐ, тоа беше земја каде што бевме свои на своето, во која ние решававме за својата судбина.

Сметате дека денеска не е така?

– За жал денес нема ништо од тоа. Таа хуманистичка вертикала и тоа чувство на заедништво е исфрлено до нашиот двор. Македонија последниве години е претворена во простор во кој е сѐ гнило. Во неа има страв, апатија, чувство на немир и несигурност. Македонците дигнале раце од себе и од својата држава и во војната за лесен профит, на радост на сите околу нив брутално се борат еден против друг до конечно самоистребување. До последниот од нив, до последниот здив, до последното евро… заборавиле дека постои и нешто друго освен парите.

Вџашува бугарската омраза, а и омразата на нивната пета колона во Македонија, кон Југославија и кон времето во кое Македонија беше почитувана и респектирана Република и која во склоп на југословенската федерација го оствари својот сон да има своја самостојна држава. А за жал ни албанскиот национализам, кој ја гризе Македонија од внатре, не заостанува во таа неверојатна омраза.

Југославија како држава секако дека, растурена и насилно убиена од примитивците во нашите редови, денес не постои, но она што е останато од Југославија како културен пејзаж, како општество кое се преплетува и покрај сите наметнати политички граници и меѓи постои. И ќе постои сѐ додека постои оваа наша генерација на заминување.

в

Од промоцијата на книгата во Белград                                           Фото:Драган Бањац

Епизодата со бугарските издавачи на Саемот за книга во Белград, кога вие и тогашниот студент по драматургија Трајче Гаврилов протестирате среде Белгардскиот саем на книги против бугарските лаги за македонските херои, можеби е добар пример како треба едно здраво општество секогаш да реагира. Што мислите што денеска Македонија прави на тоа поле?

– За жал власта во Македонија, просто речено ништо не прави на тоа поле. Таа дури прави сé спротивно од тоа што треба да го прави за да ги заштити интересите на една независна, суверена и самостојна држава и за да ги заштити основните човекови права на Македонците во неа. Таа не смее да дозволи мешање во своите внатрешни работи и државно уредување. Од тука најблаго речено зачудува и револтира фактот што  немакедонци и  антимакедонци ги одредуваат параметрите на официјалните државни реакции кон неонацистичките посегања на Бугарија кон Македонија. Тоа се комплексни прашања, тешко обременети од слепилото на големобугарскиот национализам, кои со децении се таложи како црнило врз грбот на Македонците. Нив ниту еден немакедонец не ги познава доволно добро и затоа не може да ги разбере. Тие негирања и посегања не се испишани на ниту една туѓа кожа, као што е тоа направено, дури и буквално врз грбовите на  Македонците од албанските ками на пример, и кои тие негирања Македонците ги носат како отворена рана во кои Бугарите постојано чепкаат и дотураат отров.

Знаете вака од страна гледано се чини како Македонија да не е повеќе држава на Македонците. Албанците ја имаат одамна купено и финансиски ја поседуваат… од Ист Мол во Скопје до Ист Мол во Тирана исти газди. И сами знаете дека во западна Македонија се веат само албански знамиња, а во некои албански села полицијата, органот кој треба да ги штити интересите на државата и на граѓаните не смее ни да припари. За пристапот за наплата на долговите во овие насилни средини одлучуваат партиски моќници, а не државните институции според словото на законот. За Албанците во Македонија законите не важат, за нив важат нивните племенски закони. Грците дрско и насилно го украдоа името на Македонија и никому ништо. Па така сега тиe единствено имаат авторско право на сѐ што се подразбира под тоа име, Македонија. Ако не верувате прочитајте што потпишале оние шупелки во Преспа или прашајте некој адвокат на запад кој ќе ви каже дека македонската неспособна власт таму незаконски го потпишала првиот антимакедонски самоукинувачки акт. Бугарите повикувајќи на своите фашистички сеништа од минатото брутално посегаат по идентитетот, по историјата, по јазикот. Па само погледајте околу себе веќе голем број клучни литературни, драмски филмски или научно лингвистички или историски дела се под премолчена, таканаречена, мека цензура, само и само за да се задоволат апетитите на растурачите на Македонија. А кога тие ќе ги  остварат своите цели Македонија на радост на многумина конечно ќе ја снема. 

Како  против тоа зло?

– Па видете за тоа да не биде така, за да можат Македонците успешно да се справат со бруталната реалност на посегање по неа и нејзино рушење од сите страни, им треба пред сѐ малку повеќе самопочит, многу љубов кон себе и сопствената држава, повеќе лична и колективна храброст и солиден заеднички над-идеолошки и натпартиски фронт во секојдневната борба за сопствената држава. Борбата за Македонија не се води со кукање и жалопојќи на социјалните мрежи, туку ако треба и со организирање на масовни протести против мафијашката власт која веќе сериозно го има загрозено понатамошниот опстанок на Македонија. Погледнете што се случува на улиците во Белград, и цела Србија кога свесен народ ќе излезе на улица да се бори за својата иднина.

Токму затоа на Македонија ѝ е потребен искусен политичар и созреан дипломат, а не полуписмен албански националист, кој повеќе се грижи за Косово отколку за Македонија. На Македонија ѝ треба личност, можеби таа личност треба да е жена, да ја мобилизира и да ја води Македонија кон нејзиниот правен и морален препород, и да ги врати  нејзините изгубени вредности. На Македонија ѝ треба образуван министер за надворешни работи, храбaр политичар, човек со знаење, со принципи и интегритет, човек кој ја сака државата и кој може да создаде и води тим на експерти и пријатели на Македонија за да одговори на жестоките предизвици од криминалниото подземје и да се справува успешно со секојдневната  б‘лгарска т‘пост и упоритост. За жал таква личност во Македонија денес не гледам. А верувам дека такви луѓе, пред сѐ млади луѓе, образовани,  виспрени, мудри, разборити, сепак има некаде низ светот. И би сакал таквите да се појават на македонскиот хоризонт на надеж од некаде.

ц

                                                                                                                                        Фото: Васил Боглев

Но, младите масовно заминуваат од Македонија… со намера никогаш да не се вратат.

– За жал тоа е така. Тие си одат затоа што сонот дека во Македонија може да биде пристојно место за живеење им е срушен. А тие, младите, се оние кои треба да направат нешто, тие се или злата или среќната иднина на Македонија. За жал тие се мизерни копии на своите алчни и корумпирани родители кои вршат притисоци, уценуваат, се закануваат   и мислат дека воспитувањето и образованието се купува со пари, а не со  негување и укажување на лични добри примери. Тие млади паразити, чест на оние ретки исклучоци, исто како и нивните скапаници од родители, повеќе мислат на тоа како преку ноќ без работа и без труд да се збогатат, како да украдат, како да измамат, или пак што поскоро да заминат од Македонија, како на запад само на нив да чекаат, наместо да засукаат ракави, и да ги дигнат на клоци разбојниците од сите вери и нации, и да направат вистински цивилизациски пресврт и да ја внесат Македонија меѓу цивилизираните народи на светот. 

Ах, младоста да им ја имам, плиткиот ум изгубен во кафеанскиот чад и смрдеа на алкохол да им го немам.

Која претстава денеска би ја поставиле во Драмски или МНТ, како што велите дека со години ви било забрането да режирате, и зошто токму таа?

– Одлично прашање, а невозможен одговор. Тоа е неостварлива идеја. Во Македонија треба да припаѓаш некому, на некоја интересна група, на некоја фамилија, на некое братство, да бидеш криминалец за да работиш претстава, за да правиш филм или да издадеш книга. Јас не припаѓам таму. И не припаѓам никому. Со никој од тие културтрегери што манипулираат со македонската култура и уметност не одам ни во црква ни во џамија, а богами не членувам ни во мафијашките друштва наречени политички партии. Значи нема шанси тоа да се случи. Тоа е чиста утопија во овој момент. А на Македонија во овој момент толку многу треба да ѝ се случи еден сериозен „Галеб“ на Чехов кој ќе го разоткрие злото на малограѓанштината, лажните уметнички вредности, на кичот, и на сѐ она што ја задушува креативноста. На македонските сцени колку што можам да видам денес нема театар. Во него владее политички коректен агитпроп во форма на средношколски рецитали. Ах да, неопходен е и еден Хамлет, наш современик, современик и бунтовник против распаѓањето на светот во кој живееме. Хамлет, кој не е некаква историска блуткава семејна драма за некаков си меланхоличен принц, туку жестока фреска за тоа дали уметникот со средствата на својата уметност може да го менува општеството во кое живее, или пак општеството такво какво што е, корумпирано и гнило, ќе го сомеле и ќе го проголта во својата црна дупка. Кој е Фортинбрас? Што носи тој како хоризонт на надеж? Има безброј прашања кои чекаат одговори?

н

Во книгата напишавте дека „патот на Македонија кон цивилизирана Европа и кон современиот свет е селски, без јасна траса поплочен со примитивизам…“. Како поинаку да го поплочиме тој пат?

– Драго ми е што алудирате на приказната за академикот со залижана коса кој 1991 година, како вицепремиер на Македонија, за време на својот  престој како член на македонската книжевно-културна делегација во Ен Арбор, наместо да создава пријатели во Америка, наместо да агитира и да лобира за Македонија, наместо да говори за визијата за Македонија, тој беше во страсна потрага по машина за пишување со лепеза. И тоа точно тогаш кога машините за пишување беа веќе минато, а компјутерите како нови алатки за комуникација, го освојуваа светот, а во меѓувреме од тогаш до денес радикално го променија светот во кој живееме и кој го познаваме. Таа приказна за неговиот затворен ум, за неговата ригидност и неможност да види нешто подалеку од неговиот нос, на многу начини го одреди идниот општествено-политички развој на Македонија. Меѓутоа сето тоа е особено важна денес, ако се погледне во контекст на автопатот што од Скопје до Ќафасан на албанската граница, а не до Охрид, го гради компанијата Бехетел-Енка и кој дрско ги бележи меѓите на голема Албанија.

Но, без разлика како ќе заврши таа приказна со прескапиот Коридор 8, чие реализирање велат дека се одвива под плаштот на огромна корупција на највисоката власт, Македонија на својот пат кон иднината, мора да работи на себе, да се изградува правно, политички, општествено и да се усовршува на сите нивоа. Мора да се ослободи од непотизмот, од корупцијата, од пантличарата на лични привилегии, и да создаде цврст и бескомпромисен правен систем. За да се случи тоа граѓаните на Македонија мораат да почнат самите тие први да се менуваат. Да ја менуваат својата свест, да го скротат својот егоизам, својата алчност. Да сфатат дека нивното лично и приватно добро не е поважно од доброто на целото општество. Дека нивните лични и приватни слободи завршуваат пред носот на другиот, а уште помалку во туѓите приватни одаи. Дека не може да бараат само права, туку мора да ги извршуваат и своите државни, правни и општествени обврски. За да може тие промени да почнат да се случуваат мора прво да има распуштање на Собранието и на сите досегашни партии. Потоа мора да има нова експертска граѓанска наднационална влада со мандат од две години, составена од докажани независни и непоткупливи стручњаци. Таа влада ќе биде задолжена да спроведе фер избори во една изборна единица со отворени листи, и на крај да спроведе радикални општествено политички и системски промени кои ќе овозможат вистинско функционирање на демократијата. Тоа се работи кои точно десет години наназад ги говорам и предлагам, од 2012 година кога на 24 декември таа година, на насилен начин беше погазен Уставот на Македонија, и кога пратениците на ДУИ ракоплескаа на тој насилен чин со кој  се руши државата. Меѓутоа, за да може понатаму сите тие суштински општествено-политички реформи да функционираат и да има држава во иднина, мора прво и пред сѐ да има и радикални реформи во правниот систем и во образовниот систем. Од предшколска возраст до завршување на студиите. Мора да се почне од почеток. Без компромиси…

Добро за реформи во правниот систем и за корумпираното судство се говори постојано,  но зошто го ставате акцентот на образованиот?

– За да се изгради една солидна, здрава држава, една здрава нација, најбитно е образованието. А за тоа не треба многу.  Сѐ што е потребно тоа е создавање и одржување на квалитетно образование, кое ќе биде фундирано врз високи образовани стандарди и чии што темели се бескомпромисна етика, висок личен и општествен морал, рамноправна одговорност и непоткуплив интегритет на сите вклучени во образовниот процес. Во образованието никако не смее да има ни да се дозволува преправање оцени, мамење на испитите, официјално фризирање на дипломи и знаење според политички или други притисоци од интерес. Заради сегашност корумпиран и скапан образован систем, пациенти умираат по клиниките од недоучени доктори, згради и мостови се рушат од лоши инженери, живи луѓе горат од недоучени производители и немар, пари се губат од рацете на економисти кои ги купиле своите дипломи, а правдата, тој најважен столб на стабилна држава исчезнува од такви марионети од адвокати и судии. Пропаѓањето на образованието е пропаѓање на еден народ, на една држава. Пропаѓање на сите заедно. Затоа политиката, религијата, помодарските идеологии, надвор од образованието. Природата и природните закони и науки, културата и уметноста, литературата и филозофијата, естетиката, етиката и моралот, општествените процеси, чесноста во комуникацијата и размената на добрата, спортот и физичката култура, хигиената и човековото здравје, треба да се основа врз која се гради поединецот. Потребно е образование од кое луѓето ќе учат да работат и живеат од својот труд, а не да бидат паразити и зависници од разно разни странски фондови. Образование во кое човекот е човек на човекот, а не крволочен волк, во кој хуманиот човек, а не профитот, човекот и неговите морални вертикали, вистинските хуманистички вредности се и костурот и телото и крвоток на образованието.

Секако за да може образованието да биде јасен патоказ, да биде поплочување на македонскиот пат кон нејзината иднина, мора безусловно, мора оваа неписмена,  племенска, антимакедонска, деструктивна власт веднаш да си замине од политичката сцена. Со убаво или со нешто помалку убаво за нив. За нивно добро, а и за сеопшто добро на граѓаните што живеат во Македонија. Со сегашните политичари, и оние на власт и оние во опозиција, и со сите оние нивни преторијански војници кои бескрупулозно ја распалуваат меѓусебната омраза меѓу Македонците, а и меѓу национално исклучивите Албанци и Македонци, Македонија нема иднина. И како што тоа се кажува и во книгата, „кога арогантноста, самовљубеноста, дрскоста на политичарите го заменуваат нивниот недостаток на визија за иднината, за доброто на државата, тогаш граѓаните ја плаќаат најскапата сметка што ја испорачува таквото примитивно однесување. Наместо напред заглавуваат во калливото минатo.“ Новите јадења не може да се јадат со стари вилушки…

Не ви личи ли денес сето тоа на утопија. Што мислите дека ќе се случи утре, или во наредниот период?

– Можеби е утопија, а можеби е сон кој би можел да се оствари. Кој знае. Што утре? Не знам. Не сум пророк и покрај тоа што во последните 20 години постојано укажувам на опасностите кои се надвиснати над Македонија и која ја разградуваат. На циглите кои ги вадат од мојата куќа и која секојдневно ја туркаат со мацоли за да може таа де се сруши што побргу. А вистината за тоа злосторство не може да се премолчи. Непријателите и растурачите на Македонија, тука во овој момент мислам пред сѐ на бугарските неонацисти и неосталинисти, на албанските балисти, на македонските тупави бугарофили и националшовинисти задоени со антимакедонскиот отров на Тодор Александров, Протуѓеров и Ванчо Михајлов, а и на оние лажни социјалдемократи завиткани во туѓи знамиња, кои ја черечат Македонија и чекаат на нејзината поделба и на нејзино конечно исчезнување.

Тоа ќе им овозможи лесно бегање од правдата за нивните криминални грабежи и уште повеќе, ќе им овозможи бегање од правдата за нивната одговорност за злосторите сторени во процесот на рушењето на АСНОМ-ска Македонија. Нема држава нема одговорност.

Дали поделбата и  исчезнувањето може да се сопре? Не знам! Тоа само македонскиот народ и граѓаните на Македонија може да го кажат. Ако сите заедно, без калкулации, собрани во точката на нивниот најмал заеднички интерес како еден, се организираат и ако ја дигнат главата високо, и ако одлучно се спротивстават на сите муртати за да си ја вратат назад држава која како песок им истекува низ дланките, има огромни можности да успеат во своите намери.

Ако не тие, кој? Ако не сега, кога? Утре кога овие мрши на власт и оние фарисеи околу неа ќе ја поделат, кога Македонија ќе ја нема?  Кога ќе им забранат да говорат, да пишуваат, да мислат на македонски? Кога?

                                                                                                                                Александар Дамовски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ