Според неофицијалните информации од Владата, сигурно е дека во делегациите нема да бидат премиерите на двете земји, но не се знае кој ќе биде. Засега е познато дека претпладне две македонски делегации ќе положат цвеќе на спомениците на Гоце Делчев во Градскиот парк и на плоштадот во Скопје, а за попладне е предвидено полагање цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата Св. Спас. Активностите околу чествувањето ги координира Министерството за надворешни работи, но и од таму нема никаква информација за целиот настан.
Од друга страна, во Бугарија, агенцијата БГНЕС објави дека македонската Влада нема да присуствува на неопходното политичко ниво во црквата Св.Спас каде што венец ќе положи бугарската делегација предводена од министерката за надворешни работи, Теодора Генчовска, а во која ќе има пратеници и заменици-министри.
Според агенцијата, официјалното објаснување од властите во Скопје било дека министерот за надворешни работи Бујар Османи и премиерот Димитар Ковачевски се во странство и во овој момент немало информација дали некој од нив ќе се врател порано за да учествува во заедничкото чествување.
Претходно, претпладне делегација на Собранието, предводена од Горан Мисовски, потпретседател на Собранието, во состав Марија Георгиевска и Велика Стојкова-Серафимовска, по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, во 10 часот, ќе положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата Св. Спас.
Во меѓувреме, бугарската Влада соопшти дека премиерот Кирил Петков заедно со македонскиот в.д. амбасадор Владимир Крстевски утре ќе положи венец пред споменикот на Гоце Делчев во Борисовата градина во Софија, по повод 150-годишнината од неговото раѓање.
Инаку, заедничкото чествување на Гоце Делчев го најави бугарскиот премиер Кирил Петков по заедничката владина седница во Бугарија.






