Дека се дозволува непречен влез и излез од државата, според МВР, говори и бројот на странски возила кои на дневна, односно неделна или месечна основа остваруваат влез и излез од Македонија.
МКД.мк веќе објави сведоштва на македонски граѓани на кои на влез од Бугарија во Македонија не им било дозволено границата да ја поминат со автомобили со бугарски регистерски таблички ако немаат одјавено живеалиште во земјава. Објаснување побаравме од Царинската управа, но одговор не одбивме.
„Согласно Законот за гранична контрола, граничните проверки се спроведуваат на граничните премини со цел да се провери дали да им се одобри на лицата и нивните превозни средства и предметите што ги поседуваат да влезат на територијата на Република Северна Македонија или да им се одобри да излезат од неа. На лица и возила, вклучувајќи ги и возилата со странски регистарски таблички им се дозволува непречен влез и излез од државата секогаш кога се исполнети законските услови за тоа, за што говори и бројот на странски возила кои на дневна/неделна/месечна основа остваруваат влез и излез од Република Северна Македонија. Во делот на националното законодавство кој ја регулира граничната контрола нема законски измени и дополнувања во последниот период”, пишува во одговорот од МВР.
Оттаму уште информираат дека согласно Член 18 од Законот за Царинската управа, „Царинската управа може да побара од Министерството за внатрешни работи помош во спроведувањето на одредбите на овој закон или со други закони за чие спроведување е надлежна Царинската Управа”.
„На барање на Царинската управа, а во рамки на меѓусебната, полициско – царинска соработка, МВР презема и дополнителни мерки како поддршка во спречување на кривични дела и прекршоци и од областа на царинското работење. Во таа насока, доколку постојат одредени индиции, МВР може да изврши дополнителни проверки на возила со странски регистарски таблички управувани од страна на македонски државјани, но тоа во никој случај не значи дека возила со странски регистарски таблички не може да влезат во земјата, за што говорат и статистичките податоци”, додаваат од МВР.






