среда, 18 март 2026

МНР до Милошоски: 80 отсто од лани упатените дипломати се професионалци, ќе проверуваме до 2006 година

Објавено на

часот

Сподели

„Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, во врска со последните изјави на претседателот на Собраниската Комисија за надворешна политика околу именувањата и упатувањата на дипломати на највисоките позиции во амбасадите и конзулатите на земјава, укажува дека во изминатава година на мандат се упатени 20 предводници на странските преставништва, од кои 16 се професионални дипломати од Министерството, што претставува 80% од упатените“, велат од МНР во денешната реакција.

Професионализацијата на дипломатијата останува еден од врвните приоритети на Министерството за надворешни работи и во периодот што претстои, нагласуваат од МНР и додаваат дека заради тоа се покренати повеќе иницијативи, меѓу кои и нов предлог закон за МНР со кој процентот на обврска за упатување дипломати од кариера ќе се зголеми од сегашните најмалку 33% на 75%.

„Меѓу другите иницијативи, во Министерството е формирана работна група, која ќе ги проверува сите именувања и упатувања на амбасадори и генерални конзули од 2006 година до денес и ќе подготви компаративна анализа. Целта на анализата е да се проверат сите детали и околности под кои се упатувани, како и квалитетот на кандидатите кои како први лица во ДКП-ата ја претставуваат земјата во странство. По завршувањето на анализата, истата ќе се презентира пред јавноста“, пишува во соопштението на МНР.

Вчера пратеникот Милошоски кој е и претстедател на спомнатата собраниска комисија преку прес-конференција го повика министерот за надворешни работи Бујар Османи пред пратениците да даде отчет за испратените конзули, за нивните биографии, сертификати, како и според друга документација.

Поводот беше информацијата дека на затворена седница на Владата било утврдено, по предлог на Министерството за надворешни работи, 28-годишната Бесмира Ејупи да биде пратена за македонски генерален конзул во Њујорк, додека Петри Муслиу, за генерален конзул во Чикаго. Во биографијата на Ејупи пишува дека таа била презентерка во неколку телевизиски куќи. Петри Муслиу пак, е син на политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

Владата не ја потврди информацијата на медиумите, ниту пак ја демантираше, додека од МНР само соопштија дека Македонија има генерален конзул во Тотова, Њу Џерси, кој е на половината од својот мандат и дека засега не се размислува за негово повлекување. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ